Македонија
Масовна вакцинација се планира во повеќе градови
Министерот за здравство, Венко Филипче, за периодот што следува најави масовна вакцинација на повеќе локации во државата, онаква каква што во моментот се спроведува во „А1-арената Борис Трајковски“ и во здравствените домови што имаат кадрови капацитети за да го организираат овој процес. Со ова се планира значително да се интензивира процесот на имунизација во моментот кога ќе пристигнат поголемите количини вакцини во периодот што следува.
„Во овој период што е пред нас ќе работиме очекувајќи ги кинеските вакцини, кои ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата. Места за масовна вакцинација во уште неколку градови по примерот на салата ‘Борис Трајковски’, а тоа ќе бидат градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, покривајќи соодветни региони околу овие здравствени домови, кои може овој процес да го организираат со кадар“, рече Филипче.
Во однос на вакцинацијата во „А1-арената Борис Трајковски“, од утре се очекува да продолжи процесот на имунизација со трите типа вакцини – „астра зенека“, „спутник В“ и кинеските од производителот „Синофарм“ со вакцинација на граѓани на возраст од 73 и 74 години. Пријавени се приближно 5.000 граѓани, кои ќе бидат вакцинирани, а како стигнуваат следните количини вакцини, така ќе се надоврзат на процесот на вакцинација соодветно на возрасната граница.
Што се однесува до динамиката на испорака на вакцините, Филипче нагласи дека на 19 и на 26 април од компанијата „Фајзер“ има најава дека ќе испорачаат по 10.000 вакцини, кои Владата ги купила преку директни прегвори со производителот.
„Набргу, по завршување со административниот дел во Кина, се очекува да добиеме и податок за точниот датум кога ќе бидат испорачани овие дози од 200.000 вакцини. Јас имав средба со кинескиот амбасадор, очекувам да преземе обврска да направи што може, вчера имаше некое поместување, добив информации дека тој административен дел таму во Кина се забрзал. Очекуваме информација и од руската амбасада за дополнителни количини од вакцината ‘спутник В’. Повторно би требало 76.000 дози од ‘Астра зенека’ да стигнат до крајот на месецот за што утрово разговарав со претставничката на СЗО. Она што значеше помош преку трилатералните договори од ЕУ, што ги најавија за април, очигледно ќе се поместат според последните најави од утрово, а тоа е дека ќе пристигнат во првата недела од мај. Тоа се засега информациите како ќе пристигнуваат вакцините, од кои најголема количина наеднаш очекуваме да стигне од Кина. 200.000 вакцини ќе бидат распределени по овој систем на вакцинација, кој веќе се спроведува во државата“, изјави министерот на денешната прес-конференција за медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

