Македонија
Европратеници: Македонија и Бугарија треба да се оддалечат од дебатите за историја

Претседателот на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Северна Македонија, Андреас Шидер, вели дека Северна Македонија и Бугарија треба да се оддалечат од контроверзните идентитетски и историски прашања.
„Не сум сигурен дека пренагласувањето на историската дебата, евентуално со лажни аргументи, е добро решение за иднината“, рече австрискиот социјалдемократ Андреас Шидер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Северна Македонија на виртуелниот брифинг за Северна Македонија, пренесуваат медиумите во регионот.
Шидер рече дека како дел од неговата функција тој морал да научи повеќе за историјата, дури и повеќе отколку што сакал.
„Политичарите почнуваат да заплеткуваат прашања за идентитетот кога не може да одговорат на основните животни прашања“, рече Шидер.
„Се плашам дека е така кога станува збор и за ова прашање“, додаде тој.
Шидер истакна дека зеленото светло на Бугарија за пристапни разговори е „најдобро за решавање на соседските односи“.
„Оставете ги на страна прашањата за идентитетот и работете на други прашања“, порача тој.
Слична порака, како што пишуваат агенциите од регионот, испратил и бугарскиот европратеник Илхан Кјучјук, исто така известувач за Северна Македонија.
„Историчарите нека дискутираат за историјата, а политичарите да бидат храбри“, рекол Кјучјук.
Билатералните односи не треба да влијаат на пристапот на регионот во Европската Унија, додал тој.
Медиумите анализираат дека во ноември 2020 година Бугарија одби да прифати рамка за преговори за Северна Македонија блокирајќи го почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родители и блиски на жртвите во Кочани бараат Обвинителството да објасни кој е обвинет, а кој ослободен

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.
Таа истакна дека во понеделник официјално ќе испратат барање до Обвинителството, со кое ќе побараат лична средба со надлежните обвинители.
„Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, порача Петрушева.
Таа изрази загриженост што, и покрај укажувањата, одредени лица сè уште не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.
Со остар тон се обрати и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која директно го обвини газдата на „Пулс“, познат како Деко, дека во моментот на пожарот се скрил, оставајќи ги младите да се борат за живот.
„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, изјави Стојанова со солзи во очите.
Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите додека не добијат јасни и транспарентни одговори од институциите. Бараат правда, но и човечка емпатија – не правни термини и соопштенија кои, како што велат, никој од нив не ги разбира.
Македонија
Шведски експерти и преживеани од трагедија ќе понудат поддршка во Кочани

Од 16 до 18 јуни, во Кочани ќе престојува седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, составена од социјални работници, пожарникари и лица кои преживеале трагедија слична на онаа што неодамна го потресе овој град. Посетата е во организација на групата „Support Kocani“, која информира дека целта на настанот е споделување на искуства, поддршка и заедничко градење на сила и надеж.
Шведската делегација доаѓа како симбол на солидарност, откако пред 27 години, во нивниот роден град Гетеборг, избувна пожар во дискотека при што загинаа 63 лица – трагедија што длабоко го промени шведското општество.
„Ова не е само делегација, туку група луѓе кои лично ја почувствувале болката што ја носи ваква трагедија. Тие ќе споделат како низ годините се соочувале со последиците, како изградиле психолошка издржливост и како повторно нашле надеж“, велат од „Support Kocani“.
Тие додадоа дека посетата има силна симболика и за Кочани – како потсетник дека заедницата не е сама и дека солидарноста не познава граници.
„Ги пречекуваме со отворени срца. Тие се сведоци на болка, но и симболи на сила. Заедно ќе споделиме искуства, ќе создадеме мостови на поддршка и ќе покажеме дека од болката може да се роди нова енергија за живот“, велат „Support Kocani“.
Скопје
Арсовска го прозва Стојкоски: Аценце, ти направив 27 улици, ни фала не кажа и уште бегаш од дуел за хемиските фабрики

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот профил на Фејсбук му се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со серија критики за неговото однесување и, како што тврди, неспособност да го признае придонесот на Град Скопје во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„Ова е објава за читање за сите интелигентни и слободоумни граѓани, другите не читајте!“ – започнува Арсовска во својот пост, порачувајќи му директно на Стојкоски:
„Аценце, ти се обраќам да се потсетиш, како неспособната што спиела 3 години ти направи 27 улици во 5 населени места во Ѓорче Петров“.
Таа додава дека улиците биле изградени преку Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“, без учество на општински средства, а Стојкоски само се појавил за да се слика, без притоа, како што вели, ни да се заблагодари.
„Ти ги направивме со скопското јавно претпријатие ‘Улици и патишта Скопје’, ти освен што се сликаше, не потроши ни денар, а не се ни заблагодари“, напиша Арсовска.
Во објавата, Арсовска повторно го повикува Стојкоски на ТВ дуел во врска со деталниот урбанистички план кој, според неа, овозможува изградба на хемиски фабрики и 31 висококатница во централното градско подрачје на Ѓорче Петров.
„Уште чекам да прифатиш ТВ дуел за ДУП-от кој го донесе за да се изградат хемиските фабрики и 31 висококатници сред Ѓорче Петров. Тоа што плаќате медиуми и партиски ботови да ве фалат, а другите да ги понижуваат, не значи дека сте во право!“, заврши градоначалничката.