Македонија
Мицкоски: Илјадници луѓе се заведени во Избирачкиот список со два матични броја
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите обелодени нов скандал со назив „Мафија 2“, кој се однесува на злоупотреба на институциите, при што едно лице е заведено со два матични броја.
Според неговата информација добиена од свиркачи, во Македонија има најмалку 20.000 лица што имаат по два ЕМБГ.
Тој го повика министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и надлежните институции да одговорат како и кога се издадени овие двојни матични броеви, кои, според него, се користеле за разни злоупотреби, пред сѐ, за гласање на избори затоа што овие лица ги има во Избирачкиот список.
„Покрај аферата ‘Мафија’, каде што структури на власта издавале документи за идентификација на криминални структури, на познати балкански босови, во оваа афера може да се види дека едни исти лица имаат два матични броја. Како што може да се забележи, едно исто лице со двоен матичен број го има по два пати во Избирачкиот список. Според проверките во Избирачкиот список, истото лице е регистрирано на своето вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина, при што првичните броеви се исти, а последните три се разликуваат. Конкретно, при проверката на терен за лицето Џадин Адемовски, кој на една адреса се води во Чаир, а на другата во Сарај, кога го побаравме Џадин на првата адреса, таму ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал за кој треба да се сноси одговорност“, рече Мицкоски.
Тој јавно праша како може да постои вакво нешто кога во 2016 година по барање на тогашната опозиција беше прочистен Избирачкиот список, а министер беше Оливер Спасовски.
Дополнително, на новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ, која учестуваше во акцијата за прочистување на Избирчкиот список, не реагирала, тогаш Мицкоски рече: „Или во 2016 година не бил прочистен Избирачкиот список како што треба или што е полошо и остава сомнеж – овие матични броеви се впишувани во последните 4-5 години поради криминални дејства во кои власта директно учествувала. Трето објаснување нема. Затоа, наместо Спасовски да се занимава од каде ми се овие информации, нека се заземе да го истражи случајот и да излезе со конкретни одговори. И да не се правда пред јавноста дека оваа било проблем од 1986 година затоа што Списокот се прочистуваше, а тој цело време е министер, тогаш се наметнува прашањето колку вакви избирачки списоци потпишал? Освен тоа, симптоматично е и како 100.000 обрасци му недостигаат на директорот на Упрвата за водење на матичните книги. Остава отворен сомнеж дека оваа операција се случувала во последните 4 години, при што само последните три бројки се менувани, а некој, најверојатно, тоа го правел намерно и со конкретна цел“, објасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека издавањето дипликат матични броеви е поврзано со скандалот „Мафија“, со цел да им се помогне на криминални босови, како Седат Пекер, и водачот на Шкаљарскиот клан, Јовица Вукотиќ, кои поседувале фалсификувани патни исправи издадени во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

