Економија
Туристичките агенции во колапс, се придружуваат на протестот на угостителите

Секторот туризам е еден од најпогодените во периодот на пандемијата, за нашите државјани се затворени границите на речиси сите европските држави, а поради рестриктивните мерки на движење во другите држави, нема ниту странски туристи. Дополнително, и капацитетите на објектите од овој сектор беа под извесни рестриктивни мерки не можејќи и да сакаат да ја извршуваат својата дејност. Големиот број заболени граѓани, немањето вакцини, намалената платежна моќ на граѓаните ги става туризмот и патувањето како последна точка на интерес. Приходот во изминатите 13 месеци е со паднат од 85 до 100 %, а нашите трошоци сѐ уште се акумулираат, потенцираат од Туристичко-угостителската комора.
„Повеќе од една година ситуацијата со коронавирусот континуирано е лоша, без изгледи за нејзина стабилизација. Проблемот со кој се соочуваат туристичките агенции е континуиран и се однесува на немање можност за работа, плаќање режиски трошоци и трошоци за плати, без да се остваруваат никакви приходи. Поради тоа што сме дел од економијата на нашата земја во која придонесуваме и сме дисциплинирани во плаќање даноци и такси во нормални услови на живеење и работа, инсистираме да ни се помогне да опстанеме во овој тежок период за нас и да не се дозволи секторот туризам да се уништи и да згасне“, изјави Ана Марија Алексова.
Таа истакна дека сите се надеваат и сакаат да работат и да заработат самостојно како и досега, но поради виша сила, односно пандемија, туристичките агенции, хотелите и другите придружни дејности се пред колапс, затоа е неопходно институциите да помогнат овој сектор да опстане. Ситуацијата е толку неизвесна што поради состојбите со коронавирусот во светот, секојдневно се менуваат условите за влез и излез, што оневозможува да се планираат туристички патувања и оваа година.
„Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021 година, а ваучерите што ќе се доделуваат од Владата за кампањата ‘Дома си е дома’ задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе може во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам, како хотели, категоризирани објекти за престој, превозници и за тоа да може како помош да биде искористено од сите учесници во секторот од таа причина бараме задолжително да се користат преку туристичка агенција“, изјави Алексова.
Туристичките агенции бараат да се продолжи рокот на ваучерите издадени за нереализираните патувања во 2020 година, наместо до 31.12.2021, до крајот на 2022 година, бидејќи, за жал, состојбите сѐ уште се неизвесни и не се знае дали и кога ќе се стабилизира ситуацијата и ќе може тие да се реализираат.
„Барањата за поддршка на секторот туризам се реални и засновани на големите штети што ги имаме за што во овој момент ни е потребна помошта за опстанок за да не се соочиме со колапс. Барања за помош досега неколкупати се доставувани до надлежните институции и затоа од вторник, 20 април, ќе се приклучиме на протестот на угостителите и ќе останеме пред институциите сѐ до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени“, истакна Алексова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.