Македонија
Во болниците во земјава се лекуваат 1.687 ковид-пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 986 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 148 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип е хоспитализиран 89 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 86 болни, а во Куманово 99 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 114 во ковид центарот во Гостивар 44, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 95 пациенти, во Кочани 36 во Кичево 35, Кавадарци 56, а во Гевгелија 24 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1687 и има околу 330 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Запоставеноста на Чаир ќе стане минато и општината ќе добие нов лик како што заслужува, Ѓорѓиевски најави дека ќе го реши сообраќајниот хаос и ќе инвестира во јавната хигиена

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на вечерашниот митинг во општина Чаир, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека ќе има големи промени во општина Чаир, без поделби врз основа на етничка, верска и политичка припадност со конкретни проекти, со модел на работа за решавање на актуелните проблеми и реален развој на општината.
„Нема да дозволам да се прават поделби по етничка верска или партиска основа. Да изградиме Скопје во кои сите ќе се чувствуваме достоинствено безбедно и пред се рамноправно. Општина Чаир беше заборавена последните години од градските власти, тоа ќе го промениме, ќе се посветиме на Чаир еднакво и рамномерно како кон сите општини во Скопје, тоа вечерва ви го ветувам на сите присутни чаирчани. Мојот збор во минатото е докажан со дела, она што го направивме во Кисела Вода со работа и чесност е мојата гаранција за сите вас. Тој модел на работа каде се слуша гласот на граѓаните, се решаваат реалните проблеми, сакам да го понудам за целото Скопје вклучително и овде во Чаир“, вели Ѓорѓиевски.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски истакна дека запоставеноста на општина Чаир ќе стане минато и општината ќе добие нов лик како што заслужува, потенцирајќи дека ќе се реши најгорливиот проблем на чаирчани, а тоа е сообраќајниот хаос.
„Со години Чаир беше оставен настрана, но тоа време мора да заврши, со заедничка работа можеме да ги решиме сите наталожени проблеми. Ќе инвестираме во чистотата, во јавната хигиена и во комуналниот ред за Чаир да добие лик каков што заслужува една централна градска општина. Нашиот план предвидува конкретни, капитални проекти, конечно ќе го решиме најголемиот ваш проблем ,сообраќајниот хаос, ќе го изградиме булеварот Цветан Димов со шест ленти, со велосипедски патеки, со зеленило и модерно осветлување. Ова е реално ветување, ова е нова модерна порта кон центарот на нашиот град. А за да го решиме паркирањето, ќе изградиме монтажен паркинг кај Чаирчанка, но нашата визија не застанува, ќе го поврземе Чаир со сите делови од главниот град. Ќе ја завршиме клучката Момин Поток, ќе ги претвориме скопското Кале и старата чаршија во живи културни сцени“, рече Ѓорѓиевски.
Македонија
Мицкоски: Неформалната коалиција на Венко, Али и Димче има само една цел, да дојде на власт по било која цена, без вредности и било какви заеднички идеи

На овие локални избори се судруваат две дијаметрални различни понуди, едната понуда е од една неформална коалиција којашто ја сочинуваат СДСМ, ДУИ и политичката партија Левица и втората понуда е понудата којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Твоја Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Чаир, во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски истакна дека во неформалната коалиција сочинета од Венко, Али и Димче има само една цел, а тоа е да се дојде на власт по било која цена, без вредности и било какви заеднички идеи.
„Во оваа неформална коалиција кадешто се здружиле Венко, Али и Димче можеме да забележиме две клучни работи, првата е дека се здружиле да дојдат на власт по било која цена, без вредности, без било каква идеја заедничка којашто ги поврзува, само да се дојде на власт“, рече Мицкоски и додаде:
„Втората е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ, која мојот колега, универзитетски професор Венко Филипче ја надгради и тој рече дека мене тие во суштина и не ме мразеле, туку тоа било чекор над тоа, тие ме презирале и тоа следеше веднаш од како еден нивен перјаница, ми порача дека би било штосно во оваа кампања да го најделе моето распарчено тело спакувано во еден куфер, одприлика на ова се сведува кампањата на СДСМ на овие избори, додека овие вториве ДУИ, првите десет дена од кампањата не ме извадија од уста, Кристијан, Кристијан“, рече Мицкоски.
Објасни дека Левица се обидува да најде нов стопан кој најпрвин тоа беше Зоран Заев а сега е Али Ахмети од Зајас.
„На овие третиве тие коишто се претставуваат како чесни, тие се обидуваат само да си најдат нов стопан, ако најпрвин тоа беше Зоран Заев, но сега тој стопан е минато, сега си најдоа нов стопан, овој новиот стопан се вика Али од Зајас“, посочи Мицкоски.
Македонија
Ѓорѓиевска: СДСМ и Мартин Костовски во очајнички обид да се спасат од агонија, измислуваат физички напад

СДСМ и неговиот кандидат за градоначалник Мартин Костовски денеска се послужија со класична лага и инсинуација во обидот да добијат ситни политички поени, надевајќи се дека тоа нешто ќе им смени на 19 октомври на изборите. Го обвинија нашиот кандидат за советник Самет Салиевски дека, наводно, тој нападнал членови на еден од изборните штабови на Костовски во Куманово. Тоа е целосна лага од Костовски, ја демантираше изјавата на кандидатот за градоначалник на СДСМ – за наводен физички напад врз активисти на социјалдемократите, носеителката на советничка листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Ивана Ѓорѓиевска.
„Вистината е сосема поинаква. Нашиот кандидат за советник Салиевски бил сведок на меѓусебна вербална расправија на активисти на СДСМ во близина на неговиот дом каде што живее. Немало никаков физички контакт што може да се карактеризира како атак од него. Во меѓувреме веќе станал цел на вербални провокации и довикувања на кои реагирал смирено и воздржано.
Ова се очајнички обиди а СДСМ со лаги и манипулации на низок, дрзок и целосно некоректен обид да добијат ситни поени пред кумановци и јавноста. Таквите очајнички чекори се резултат на агонијата во која се наоѓаат како последица на анкетите направени во предизборието кои велат дека ги очекува убедлив пораз. Поточно, убедлива победа на Движењето ЗНАМ и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски“ потенцираше Ѓорѓиевска.
Ние, рече таа, немаме намера да се занимаваме со ваквите политикантски игри на некои истрошени политичари. „ЗНАМ и Максим Димитриевски во изминатиот период покажаа и докажаа како се сака Куманово, како се води најголемата општина во државата и како со труд, професионалност, посветеност и отчетност се создаваат услови секојдневно да се менува на подобро. А, граѓаните тоа го препознаваат. Затоа на 19 октомври Максим Димитриевски и ЗНАМ ќе освојат голема победа. Победа за Куманово да продолжи да се менува“, посочи Ивана Ѓорѓиевска.