Македонија
МОН: Учебниците со грешки и застарена содржина стануваат минато
Реакциите на јавноста дека во училиштата се применуваат парталави учебници кои имаат застарена и несоодветна содржина, многу технички и граматички грешки, нелогичности и дискриминација, стануваат минато. Од идната учебна година започнува етапната замена на материјалите за учење од кои се едуцираат нашите ученици, соопшти Министерството за образование и наука. По усвојувањето на новата Концепција за основно образование и изработката на новите наставни програми, се воведува и современа дидактика со која значително ќе се подобри квалитетот на воспитно – образовниот процес и наставата.
На предлог на Министерството за образование и наука, Владата усвои целосно нов Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали со кој се менува начинот на изработка и одобрување на материјалите за учење, се елиминираат грешките од сите аспекти, а воедно фокусот е ставен и на дигитализацијата, односно на обезбедување на други форми на достапност, покрај хартиената верзија на учебниците.
Законот е дел од планот за темелна реформа на националниот образовен систем. Истиот е изготвен согласно приоритетите во Стратегијата за образование 2018-2025 година и врз база на целосно нов Концепт за наставни и дидактички материјали, во кој се содржани најдобрите искуства и практики од неколку европски земји кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник.
Отсега, учебници ќе се пишуваат на јазик кој е разбирлив и соодветен на возраста на учениците. За да нема грешки во содржината, како и за додавање на теми кои недостасувале досега, а се поврзани со родовата еднаквост, мултикултурализмот, почитувањето на различностите и слично, се поставуваат повеќе филтри во текот на целиот процес на изработка на учебниците кој ќе се спроведува транспарентно и без можности за склучување на ексклузивни договори со одредени издавачи куќи или автори.
Дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста. Ова е клучна промена и придобивка со кој се обезбедуваат современи дидактички средства кои се прилагодуваат на брзите општествени промени и трендови.
Законот предвидува за секој наставен предмет, наместо само еден, да се применуваат најмногу до три учебници. Се работи за светски позната практика на отворени образовни ресурси, преку која се обезбедува автономија на наставниците во изборот на литература, затоа што тие самите на ниво на училишен колектив ќе одлучуваат кој од одобрените учебници по секој предмет ќе се користи во наставата.
Суштински важна придобивка од законот е дигитализацијата. Учебници во хартиена форма ќе добиваат учениците од прво до трето одделение, имајќи предвид дека првите години од воспитание и образование на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритетност ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма збогатени со мултимедиални содржини – филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, односно стануваат достапни електронските и аудио учебниците, поставени на една и единствена електронска платформа. За учениците со оштетен вид ќе се изработуваат и учебници на Брајово писмо.
Министерството за образование и наука заедно со другите надлежни институции на системот, засегнатите чинители, граѓански здруженија, експерти и меѓународни партнерски организации продолжуваат со конкретизирање и имплементација на планот за унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, целејќи кон градење на образование што ќе создава уште подобро подготвени генерации на ученици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

