Македонија
Левица поднесе кривични пријави за заразените пратеници и претседателот на Собранието
Политичката партија Левица поднесе пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и кривична пријава во Основното јавно обвинителство за пратениците кои заразени со Ковид-19 дојдоа во Собранието, како и за претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери.
„Денеска, политичката партија Левица и нејзините пратеници во Собранието на Република Македонија (Димитар Апасиев и Борислав Крмов) поднесоа пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат – со известување за прекршување на мерката строга изолација (карантин), како и кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против пратениците Бисера Костадинова-Стојчевска од Битола и Мирослав Богдановски од Скопје, како и против претседателот на Собранието – Талат Џафери“, соопшти Левица.
Од партијата велат дека тројцата се теретат оти со умисла и по претходна меѓусебна координација, сториле кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија (казниво по чл. 206 од Кривичниот законик), како и обид за пренесување заразна болест (чл. 205 од КЗ) врз останатите пратеници, со елементи на тешки дела против здравјето на луѓето.
Дополнително, како што обвинува Левица, со таквото свое дејствие, предизвикале став и несигурност кај пратениците и кај јавноста, но воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката.
„Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина“, велат од Левица.
Партијата очекува од ОЈО Скопје да постапи во поднесената пријава во најбрз можен рок, како и во другите случаи на прекршување на мерката домашен карантин на лица позитивни на коронавирусот, со што би ставил до знаење дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

