Македонија
Пендаровски на средба со началникот на ГШ на Романија: Со членството во НАТО се отвораат нови можности
Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал-потполковник Даниел Петреску, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу двете армии и констатираа дека со членството на Северна Македонија во НАТО се отворени и нови можности за проширување на партнерството, велат од кабинетот на Пендаровски.
Била истакната и важноста од продолжување и развој на билатералната соработка во областа на одбраната, како и одржување на постојан и динамичен политичко-воен дијалог меѓу двете држави.
На средбата биле разменети информации и мислења за придонесите на армиите во двете земји во справувањето со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Исто така, станало збор и за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, особено за соработката во одбраната која опфаќа посети на високо ниво, експертски средби во областите на одбранбеното право, логистиката и разузнавањето, обуки, курсеви, учество на вежбовни активности, како и стручни оспособувања во воено-образовните центри во Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

