Регион
Фестивалот Егзит ќе се одржи ова лето – брзи тестови за гостите кои не се вакцинирани или не прележале Ковид-19
Новосадскиот градоначалник Милош Вучевиќ изјави дека, благодарение на големиот успех на Србија во масовната вакцинација, фестивалот Егзит има можности да се одржи ова лето.
Долго исчекуваната вест претставува клучна потврда дека големата прослава на 20-годишнината на Егзит ќе биде одржана според планот – од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, со учество на некои од водечките светски ѕвезди, како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Пол ван Дајк, Соломун, Сепултура и многу други.
„Одржувањето на Егзит ќе биде симбол на победата на Србија над пандемијата“ кажа градоначалникот Вучевиќ, кој е член на Националниот кризен штаб за борба против пандемијата и додаде дека „Егзит е од огромно значење за туризмот и промоцијата на земјата“.
Како што тој објасни, влезот на фестивалот ќе им биде овозможен на сите кои се вакцинирани и на сите кои го прележале коронавирусот. За останатите посетители од земјата и светот ќе бидат овозможени брзи антигенски тестови по многу поволни цени, во посебно организирана зона во непосредна близина на фестивалските капии.
Влезот во Србија уште сега им е веќе дозволен на странците, додека, пак, до јуни се очекува и дека ќе биде целосно укинат задолжителниот ПЦР-тест за влез во земјата. Сите детали поврзани со влезот во земјата и на Фестивалот ќе бидат навремено објавени на официјалниот сајт на Егзит во склад со идните актуелни мерки пропишани од страна на Владата на Република Србија.
„Исклучително сме возбудени поради оваа вест и можноста заедно со публиката од целиот свет, на нашата омилена тврдина да прославиме две децении на Фестивалот, да го славиме животот! Имајќи ги предвид сите тешкотии на кои бевме изложени претходните година дена, веќе сега чувствуваме дека овој ’Биг Бенг’ на позитивна енергија ќе отвори потполно нови димензии на фестивалското искуство и ќе го обележи овогодишниот Егзит како еден од најпосебните. Сепак, мораме да останеме одговорни во наредните месеци и ги повикуваме сите кои имаат можност што поскоро да се вакцинираат, бидејќи здравјето и безбедноста на сите посетители, изведувачи и членови на тимот, се наш приоритет“, изјави Душан Ковачевиќ, основач и директор на фестивалот Егзит.
Србија во изминативе неколку месеци оствари големи успеси кога е во прашање масовната вакцинација. Покрај тоа што им овозможи на своите граѓани да бираат помеѓу различните производители на вакцините од целиот свет, Србија е единствената земја која бесплатно вакцинираше и десетици илјади странци од цела Европа.
„Ние ќе им овозможиме на сите наши посетители кои тоа го сакаат да се пријават за вакцинација во Србија, а повеќе информации за тоа ќе објавиме наскоро“, истакна Ковачевиќ.
Егзит е најголемиот музички фестивал во регионов, а како таков веќе 20 години претставува значајна дестинација за голем број македонски посетители и музички изведувачи кои настапуваат во рамки на програмата за над 40 бини на фестивалот Егзит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

