Македонија
Србите ќе бидат ослободени од плаќање патарини во Македонија поради благодарност за вакцините
Српските граѓани ќе бидат ослободени од плаќање на патарините во Македонија, во знак на благодарност поради донираните вакцини.
Ослободувањето ќе важи во периодот од 15 јуни до 15 август, кога спрпските граѓани патуваат и во Македонија и во Грција, рече министерот за здравство, Венко Филипче, кој се заблагодари за досегашните донирани вакцини од Србија со кои почна имунизацијата кај нас.
Филипче и српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, соопштија дека Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Белград, Србија ќе биде наш стратешки партнер за идна набавка на вакцини.
Филипче повтори дека во овој момент се обезбедени доволно вакцини за да постигне посакуваниот колективен имунитет, но договорот е битен поради непредвидливоста на пандемијата.
„Многу е веројатно дека оваа пандемија нема туку така да застане. Не знаеме како ќе се одвива, треба да се утврди дали ќе треба и трета доза од оваа вакцина или оваа вакцина ќе стане сезонска. Ние сакавме да обезбедиме сигурен и стабилен извор од кој ќе можеме да добиеме вакцини во моментот кога ќе има потреба“, рече министерот Филипче и објасни дека „Торлак“ ќе биде првото место каде што Македонија ќе се обрати за вакцини, доколку има потреба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и на претседателските избори на своите поранешни сопартијци коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смее да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на Денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да ги поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ, кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики што Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.