Европа
Зеленски: Украина не сака војна, но е подготвена за тоа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека голем број руски трупи се сконцентрирани близу границите на Украина, поради што земјата, заедно со меѓународните партнери, бара нивно повлекување.
Во соопштение доставено од Владата на Украина се вели дека Зеленски порачал оти Украина не сака војна, но дека е подготвена за тоа.
„Дали Украина ќе престане да се бори за мир преку дипломатија? Никогаш. Дали Украина ќе се брани во секој случај? Секогаш. Ние сме народ што создава, а не народ што уништува. Не уништуваме други земји и народи. Но, тоа не значи дека ќе дозволиме да нè уништат. И сите сме подготвени да ја заштитиме нашата земја. Зашто друга демаме“, дециден е украинскиот претседател.
Зеленски изјави дека на неодамнешните состаноци на советниците на Норманската четворка и на подгрупата за безбедносни прашања се разговарало за продолжување на целосниот режим за прекин на огнот, но дека Русија одбила да ја поддржи заедничката изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украинците: Целосно го исчистивме Купјанск од руски војници
Украинците тврдат дека ги истуркале Русите од Купјанск во областа Харков и дека сега ја контролираат ситуацијата на периферијата на градот.
„Тие се обидуваат да се инфилтрираат преку мали напаѓачки групи, а потоа се натрупуваат. Тоа го прават без ангажман на голем број оклопни возила. Успеавме да ја стабилизираме ситуацијата на тој фронт, а непријателот беше одбиен“, рече Назар Волошин, портпарол на Оперативната стратешка група на силите.
„Непријателската опрема и обидите за преминување на другата страна веднаш се спречени со акција на артилерија и беспилотни летала. Се е под контрола на нашата одбрана. Дури и ако некои групи преминат со 8 или 10 лица, двајца или тројца од нив стигнуваат до брегот“, додаде Волошин, пренесува „Украинска правда“.
Олех Синехубов, шеф на воената администрација на Харковската област, исто така изјави дека руските сили со брод го минуваат десниот брег на реката Оскил во областа Купјанск, но нагласи дека украинските бранители ги уништуваат овие групи.
„Да, имаше такви случаи. Диверзантско-извидувачките групи постојано ги тестираат одбранбените позиции на нашата армија и користат различни тактики. Тие го минуваат Оскил со чамци. Тие всушност шетаат низ мински полиња. А нашите војници ги откриваат сите овие случаи и се обидуваат да го уништат непријателот што е можно повеќе на приодите на Ќупјанск и други области“, рече тој.
Проукраинскиот телеграмски канал DeepState објави и дека украинските војници ја завршиле операцијата за расчистување на Купјанск. Купјанск беше заземен од руските сили на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но беше повторно преземен од украинските сили подоцна истата година.
Европа
Британски министер: Нашите војници нема да одат во Украина
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изјави дека Обединетото Кралство нема да испрати војници во Украина откако вестите сугерираа дека Британија и Франција ја разгледуваат оваа опција.
Тензиите меѓу Русија и Западот значително ескалираа во последните денови откога американскиот претседател Џо Бајден ја овласти Украина да користи ракети со долг дострел доставени од САД за напад на цели во Русија.
„Монд“ вчера објави дека Франција и Велика Британија не ја исклучуваат можноста за испраќање војници и приватни одбранбени компании во Украина повикувајќи се на неименувани извори.
Дебатата за испраќање војници во Украина беше повторно поведена по посетата на британскиот премиер Кир Стармер на Франција на 11 ноември, пишуваат француските весници.
Но, на прашањето за извештајот во интервју британскиот министер за надворешни работи рече дека ставот на ОК да не испраќа војници во Украина не е променет.
„Јасно е дека сме подготвени и дека продолжуваме да ги поддржуваме Украинците, особено со тренинзи, но постои долгогодишен став дека не испраќаме британски војници на местото на настанот“, изјави Лами за весниците „Ла Република“, „Ле Монд“ и „Ди Велт“ на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
Европа
Путин забрани посвојување руски деца од граѓани на земји во кои промената на полот е законски дозволена
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се забранува посвојување на руски деца од граѓани на земји во кои промената на полот е законски дозволена, објави Асошиетед прес. Законот е дел од серијата закони против ЛГБТК+ што ги спроведува руската влада за промовирање на традиционалните вредности и зголемување на историски ниската стапка на наталитет.
Забраната за посвојување ќе влијае на најмалку 15 земји, како Австралија, Канада и Аргентина, вклучително и некои европски земји. На граѓаните на САД им е забрането да посвојуваат руски деца од 2012 година. Спроведувањето на забраната во некои земји би можело да биде сложено бидејќи, на пример, САД забрануваат обезбедување медицинска нега поврзана со промена на полот во одредени региони, додека не во други региони.
Според извештајот на Советот на Европа за 2024 година, 26 земји обезбедуваат „делумен пристап“ до грижата за промена на полот, додека пристапот е во голема мера ограничен во 14 земји. Еден од авторите на новиот закон, претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, претходно изјави: „Исклучително е важно да се отстранат можните опасности во форма на промена на полот на кои би можеле да бидат изложени посвоените деца во овие земји“.
Друг закон одобрен минатата сабота вклучува парични казни за промовирање на живеење без деца до 5 милиони рубљи (околу 50.000 долари), според Киев Индипендент. Новото законодавство доаѓа во време кога стапката на наталитет во Русија падна на 1,5 дете по жена, додека стапката од 2,1 дете по жена е потребна за одржување на населението.