Македонија
(Видео) Митрески: ВМРО-ДПМНЕ е единствена опозиција што ги тргна итерпелациите што самата ги поднесе
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува незрело и дека таа е единствена опозиција што тргнала итерпелации од дневен ред што самата ги поднела.
„Благодарам на можноста, прво, во врска со процедуралниот дел и членовите од Деловникот, член 45 и 48, да дадете да ги прочита студент од Правен факултет во прва година ќе ви каже што е уредено со Деловникот и како се постапува по поднесени интерпелации. Тие се разгледуваат на првата наредна седница по одредувањето на рокот за да одговорат министрите кон која е дадена интерпелацијата и тој дел е јасен и правно нема никакви дилеми и нема ништо поинакво од она што го кажа претседателот Џафери, а тоа го знаат и другите координатори на пратенички групи“, рече Митрески.
Сакам да се осврнам на фамозната 36. седница, на која вие бевте сведоци кои беа условите за да се одржи седницата, односно да биде изгласана потребата од скратена постапка на законите од петтиот пакет-мерки. Условите на кои и ние инсистиравме да не бидат така, меѓутоа опозицијата инсистира да се тргнат како точки од дневен ред, беа интерпелациите што тие ги поставија, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ.
„Јас досега во 30-годишната работа на Собранието, односно од кога постои Собранието, никогаш не сме виделе опозиција или кој било друг пратеник да достави интерпелации и да бара таа да биде тргната од дневен ред. На координациите и јавно од пленарната сала укажав на последиците од тоа што бараат тие да се случи за денес да бидеме обвинети дека сакаме да ја замолчиме опозицијата. Ќе повторам, денес нека поднесат пак интерпелации како што е по Деловникот и ќе бидат ставени на седница и за нив ќе дискутираме на ден што тие ќе го одредат. Јавно сум кажал на координации и секаде нека определат тие ден кога сакаат да ги разгледуваме интерпелациите, досега во овој мандат имаше една интерпелација на министерот Димитров, што беше поставена на една од седниците. Денот за гласање и дискусија по интерпелациите беше ден избран од опозцијата, поради пратеник што бил на патување, чекавме за да можел да говори пратеникот од опозицијата“, рече Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, зголемен водостој на реките, расчистување на наноси: поради обилните дождови интервенирано на повеќе локации во државата, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие, поради обилните врнежи, екипите на Регионалните центри за управување со кризи интервенирале на повеќе критични локации низ државата, информираат од Центарот за управување со кризи.
На подрачјето на Битола биле ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и водостопанските компании за расчистување наноси и зајакнување насипи на повеќе делови од речните корита.
„Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај с. Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3.
Во Охрид и Кичево водостоите се зголемени, но нема излевања. Најризичен е делот кај ул. Прилепска во Кичево, каде е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали.
Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, без нанесена штета. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобрани дрва и отпад, без констатирана опасност по нивната стабилност.
На регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ беше регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот беше во прекин. Патот е расчистен по една лента, а во тек се активности за целосно обезбедување на трасата“, соопшти ЦУК.
Македонија
(Видео) Николоски: Автопатот Прилеп – Битола го градиме со силна динамика
Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика и до 2028 година ќе го изградиме, напиша вицепремиерот Александар Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
„Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот, автопат од Прилеп до Битола до 2028 година“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Видео) „Јорданов се пишмани – Општина Штип ќе го продаде Дино паркот од 800.000 евра на приватен бизнисмен“, велат од партијата Левица
„Штипскиот Дино парк да падне во рацете на приватен бизнисмен преку јавно – приватно партнерство, односно да се издава под кирија и тоа на период од 15 години“, ваква Одлука изгласаа советниците од ДПМНЕ на седницата на Советот на Општина Штип, известуваат од партијата Левица.
Советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, изрази сомневање дека ова е однапред договорено сценарио, кое се чуваше во тајност за време на изборната кампања, со што советниците на Левица гласаа против ваквата одлука, иницирана и спроведена од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и советниците од власта, предводена од ДПМНЕ.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма – не може да ме убедите поинаку! Со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива Општината”, истакна советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, на советничката говорница.
Михајловски од Левица потенцираше дека помина само еден месец откако помпезно се отвори Дино паркот во Штип, непосредно во пресрет на Локалните избори. За Дино паркот се потрошија 800.000 евра.
„Освен што Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, во ниедна прилика тогаш не се спомена дека истиот ќе биде даден под наем. Наративот тогаш беше дека е наменет за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додаде советникот од Левица, Михајловски.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, посочи и дека е апсурдно што Општина Штип со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата, тврди дека не може да управува со објект што сама го изградила.
Од Општина Штип велат дека се одлучиле да го издадат Дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што Општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, праша Михајловски на советничката говорница.
Инаку, почетната цена на месечниот закуп за Дино паркот е 0,5 отсто од проценетата вредност или околу 4.000 евра (251.073 денари). Изградбата на Дино паркот ги чинеше граѓаните на Штип 50.214.600 денари од општинскиот буџет, додаваат од партијата Левица.

