Македонија
Османи во Приштина: Просперитетна иднина за нашите граѓани без разлика од која страна на границата се наоѓаат
Нашето пријателство создава стабилна и просперитетна иднина за нашите граѓани без разлика од која страна на границата се наоѓаат, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на официјалната посета на Република Косово каде се сретна со заменик-премиерката и министер за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц.
На пленарните состаноци на двете делегации беа реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство, во интерес на граѓаните на двете земји, но и како „добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици“, истакна министерот Османи.
Се разговараше за конкретни теми поврзани со билатерална соработка, со фокус врз економијата и можностите за засилено инфраструктурно поврзување.
„Косово и Северна Македонија имаат исклучително динамична трговска размена, но истовремено постојат и огромни потенцијали за зајакнување во делот на економијата, за што секако е потребна и инфраструктурна поддршка“, порача Османи. Осврт беше направен на соработката во ресорите образование и наука, култура, здравство и др.
Во рамките на насоченоста кон градење отворен дијалог со сите земји од регионот, на Османи ја пренесе поддршката на Северна Македонија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, како најдобар начин за надминување на разликите и изнаоѓање трајно решение меѓу двете земји, во интерес на граѓаните и регионот како целина.
„Нашата заедничка амбиција, за полноправно членство на сите шест земји од Западниот Балкан, претставува единствената алтернатива која обезбедува долгорочна стабилност и просперитет“, заклучи Османи.
Дипломатските активности на Османи во Приштина продолжуваат со негови средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на парламентот, Глаук Коњуфца, и премиерот Албин Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

