Свет
Град во Австралија во тридневен карантин поради еден заразeн со Ковид-19
Главниот град на Западна Австралија, Перт, и блискиот регион Пил ќе влезат во брза, тридневна блокада од петок на полноќ, бидејќи еден човек бил позитивен на ковид откако излегол од хотелски карантин.
Здравствените власти велат дека тој најверојатно бил заразен за време на двонеделниот карантин во хотел во Перт, што предизвика загриженост дека имало локално пренесување на коронавирусот во времето кога се појавуваат нови видови, пренесе „Ројтерс“.
Еден од неговите блиски контакти во Перт имал Ковид-19, рече премиерот на Западна Австралија, Марк Мекгауен.
„Знам дека не е лесно да се примаат вакви информации, би сакал да не мораше да го правиме ова. Но, не смееме да ризикуваме со вирусот“, рече Мекгауен.
Човекот беше во Перт пет дена, пред да полета за Мелбурн, каде што се установи дека е позитивен.
Здравствените власти во државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн, ги следат сите 257 патници од летот на кој бил заразениот.
„Системот за карантин во хотелите, и покрај сите подобрувања, мора да се сретне со зголемениот број на комплексни видови што нè загрижуваат#, рече државниот министер на Викторија, Мартин Фули.
Мекгауен рече дека побарал од федералната влада да го намали бројот на меѓународни пристигнувања од странство во Западна Австралија на 512 од 1.025.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Роберт Фицо му честита на Трамп за победата, разговараа за војната во Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо преку телефонски разговор му ја честитал победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, од кој значаен дел е посветен на анализата на војната во Украина, соопштија од кабинетот на премиерот.
Фицо нагласи дека во Европа, а особено во Словачка, многумина се надеваат дека Трамп ќе го реши конфликтот во Украина, пренесе ТАСР.
„Убеден сум дека има огромни очекувања во однос на него не само во Словачка туку и во цела Европа кога станува збор за воениот конфликт во Украина“, рече Фицо.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.
Свет
Владејачката партија во Грузија номинира поранешен фудбалер за претседателски кандидат
Грузиската владејачка партија Грузиски сон денеска го предложи поранешниот пратеник и професионален фудбалер Михеил Кавелашвили за свој кандидат на претстојните претседателски избори закажани за 14 декември.
Кавелашвили, кој накратко играше за „Манчестер сити“ во средината на 90-тите, беше еден од основачите на фракцијата Народна Шакта, која произлезе од партијата Грузиски сон, и е познат по серијата остри антизападни изјави, објави „Ројтерс“.
Во септември тој ја опиша опозицијата како петта колона, која се обидува да го загрози мирот во Грузија под инструкции на „американската администрација и одредени сенатори“, а во јуни го обвини американскиот конгресмен дека планира „насилна револуција и украинизација на Грузија“.