Свет
Истражување: Ризикот од зараза во затворени простории е ист на два и на 20 метри
Без оглед дали луѓето се одалечени два метра или 20 метра, ризикот од инфекција со коронавирус во затворен простор е ист, дури и кога носат маска, се вели во најновото истражување на експертите од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ).
Професорите од МИТ, Мартин Базант и Џон Буш, кои предаваат хемиски инженеринг и применета математика, развиле метод за пресметување на ризикот од изложеност на коронавирусот со употреба на разни фактори на ризик, особено времето минато во затворени простории, циркулацијата и квалитетот на прочистувањето на воздухот, имунизацијата, видот и циркулацијата на вирусот, употребата на маски и варијабли како што се брзината на дишење, јадење, комуникација или пеење, пренесува Си-ен-би-си.
„Укажавме дека нема вистинска корист од примената на правилата за минимално растојание од два метра, особено кога луѓето носат маски“, тврди професорот Базант.
„Воздухот што едно лице го издишува додека носи маска се крева и паѓа на друго место во просторијата, така што сте поизложени на вирусот во позадина, отколку на вирусот што го издишува лицето пред вас“, вели тој.
Растојанието дава лажно чувство на безбедност
Правилата за одржување на растојание од два метра што резултираа со затворање на компании и училишта, едноставно не се разумни, тврди Базант.
„СЗО никогаш не го објасни тоа, тие само рекоа дека тоа е она што треба да го правиме и единственото оправдување што го знам се базира на истражување на кашлица и кивање, каде што ги набљудуваат најголемите честички кои најбрзо паѓаат на подот, па дури и тогаш тоа е многу лабава проценка, сигурно има капки со поголем или пократок досег, поголеми или помали капки“, рече Базант.
„Растојанието не ви помага толку многу, а исто така ви дава лажно чувство на сигурност затоа што всушност сте исто безбедни на растојание од два метра како и на растојание од 20 метри, ако сте на затворено. Секој во тој простор е всушност на ист ризик“, тврди научникот.
Капките полни со патогени микроорганизми патуваат низ воздухот во затворен простор кога луѓето зборуваат, дишат или јадат. Сега е познато дека преносот преку воздух игра голема улога во ширењето на Ковид-19, во споредба со почетните месеци од пандемијата каде миењето на рацете се сметаше за главна препорака за да се избегне пренесувањето на вирусот.
Овие капки од нечие топло издишување се мешаат со топлината и струењето на воздухот во просторијата, па се издигнуваат повисоко и патуваат низ просторијата, без разлика колку е лицето далеку од другите луѓе. Се чини дека луѓето се повеќе изложени на вирусот кој се наоѓа во воздухот околу нив, отколку од капките што доаѓаат директно од друго лице, тврди студијата.
На пример, ако некој заразен со Ковид-19 носи маска и гласно пее во затворена просторија, лицето што седи на другата страна од просторијата не е позаштитено во споредба со некој што седи на само два метра подалеку од заразеното лице. Затоа, времето поминато во затворен простор е поважно од оддалеченоста од заразено лице, тврдат научниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре
Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес во експозе за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука.
„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да биде парализирачка. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на членовите на долниот дом на полскиот парламент.
Тој предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.
„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски и потсети дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади – сајбер напади, поточно врз Полска од две илјади до три илјади дневно, диверзија и саботажа и масовно ширење дезинформации на Интернет.
„Целта на непријателот е едноставна. Да заплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на Интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој, што и со која цел е објавено“, рече тој.
Сикорски им порача на сите во Полска кои мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност и за нивната татковина.
„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, да се зајакне заедничката одбрана, за интензивна трговска размена, заеднички проекти во одбранбената индустрија за ангажирање на нашите компании. Војната во Украина не е само за независноста на таа земја, туку и за тоа кој ќе биде трет најсилен играч во светот покрај САД и Кина – Русија или Европа“, рече тој.
Апелираше да се воведе таканаречениот воен Шенген во ЕУ, така што евентуалното доаѓање на сојузниците да помогнат да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери“.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.

