Македонија
Протест за слобода на осудените за упадот во Собранието

По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска во 11 часот организираат мирен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Протестот ќе почне пред Владата, а ќе заврши пред Собранието.
Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, TMРО, Единствена Македонија, Интегра, Подем го поддржаа протестот. Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на уставобранителите.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Судот ја одби гаранцијата од милион евра на Асмир Јахоски

Судот ја одби гаранцијата од еден милион евра на бизнисменот Асмир Јахоски, осомничен за перење пари, во замена да биде пуштен од притвор.
„Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на А.Ј., осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован“, соопшти Кривичниот суд.
Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на јавниот обвинител, смета дека во овој момент сe уште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 3 дена од приемот на истото.
Македонија
Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат сомнителни пораки, апелира МВР

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека до неколку граѓани и правни лица, од страна на сторители што лажно се претставуваат во име на МВР и ЕВРОПОЛ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителите“, велат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со нивните интерни процедури за сајбер-безбедност.