Македонија
Актерката Шијак на протестот побара распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори
Актерката Арна Шијак побара слобода за осудените за крвавите инциденти и упадот во Собранието на 27 април пред четири години. Таа кажа дека за неа е неприфатливо осудените да бидат во затвор, додека, како што потенцираше, терористите од 2001 година да бидат во законодавната, извршната и судската власт.
Шијак во името на демонстрантите и организаторите побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври годинава.
„Поради велепредавството на името на државата, Македонија, и идентитетот на македонскиот народ со договорот Заев-Борисов од први август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2017 година, поради суспензијата на референдумот од 1991 година, и референдумот од 2018 година, поради криминалот и корупцијата, поради политичката, здравствената и економската криза, поради сиромаштијата, мафијата, емиграцијата, поради непријателската трансформација на една суверена држава во криминална територија, бараме распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори оваа година“, рече Шијак.
Таа кажа дека Македонците од светот и во земјава се обединети на протестот.
Шијак на протестот додаде: „Господ е со нас“.
„Неприфатливо е водачите на ‘За заедничка Македонија’ да бидат осудени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а терористите од војната во 2001 година да бидат дел од законодавната, извршната и судската власт. Патриотите не се терористи. Тие се родољуби, има разлика. По повод годишнината во Собранието на 27 април 2017 година, Македонците по род и државјанството во татковината и светот, се единствени и обединети во организацијата на овој семакедонски народен протест и слобода на уставобранителите. Ова е борба за правда и слобода на татковината. Ова е борба за слобода и победа за Македонците и Македонија“, додаде Шијак.
Таа побара слобода за сите осудени лица за настаните од „крвавиот четврток“, заедно со присутните, читајќи ги првостепените казни на осудените, кои потоа беа намалени од Апелациониот суд.
„Бараме слобода за Јане Ченто осуден на 15 години затвор, Горанче Ангеловски осуден на 12 години затвор. Игор Југ, осуден на 12 години затвор. Вилијам Михајловски осуден на 14 години затвор. Младен Додевски осуден на 12 години затвор. Влатко Трајковски осуден на 15 години затвор. Оливер Поповски осуден на 13 години затвор. Оливер Радулов осуден на 10 години затвор. Мунир Пепиќ осуден на 15 години затвор. Митко Пешов осуден на 15 години затвор. Митко Чавков осуден на 18 години затвор. Никола Митревски осуден на 15 години затвор. Абдуљфета Алими осуден на 7 години затвор. Николчо Димитриевски осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Коста Делов осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Душко Лазаров, осуден на 15 години затвор.. Оливер Ошаковски осуден на 10 години и 6 месеци затвор. Александар Јаневски-Тошта, Кире Ѓоргиевски осуден на 13 години затвор. И Горан Ѓошевски осуден на 15 години затвор. Вкупно 268 години и шест месеци“, додаде Шијак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

