Македонија
Филипче: Да ги искористиме одговорно празниците, да не дозволиме нов бран од коронавирус

Состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, мерките дадоа резултати. Сепак, искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките, напиша на својот фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
„Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита. Има многу начини да поминеме квалитетно време во кругот на семејството и најблиските, а да останеме заштитени од вирусот“, порачува Филипче во својот статус.
Состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, мерките дадоа резултати. Сепак, искуството ни покажа дека таа многу брзо…
Posted by Венко Филипче on Недела, 25 април 2021
Тој најави дека од следната недела пристигаат поголеми количини на вакцини и дека ќе бидат подигнати капацитетите за вакцинација на максимум.
„Ве уверувам дека брзо и ефикасно ќе вакцинираме со цел што побрзо граѓаните да стекнат имунитет. Од вас единствено барам почитување на јасно пропишаните мерки кои ќе не заштитат од евентуален нов бран после празниците“, напиша Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Ново нормално со Тошковски – во двор на полициска станица испукани 60 куршуми“, рече Петровска

„За овој период од 15 месеци бројот на убиства, особено во главниот град, во централното градско подрачје, станува се почесто. Последното убиство е фрапантно. Во дворот на најголемата полициска станица во Скопје на Битпазар беа испукани повеќе од 60 куршуми. Ова е новото нормално со Тошковски“, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска при обраќање на собраниската седница, посветена на интерпелацијата на министерот за вантрешни работи Панче Тошковски.
Петровска додаде дека по логиката којашто ја слушавме во изјавите за Кочани, „најверојатно за ова убиство ќе биде виновен производителот на оружјето, а не кој што тој што го користел“.
Петровска се осврна и на хаосот во сообраќајот и загинувањето на младата Фросина, кое беше злоупотребени за најава за драстични мерки во сообраќајот, особено во делот и на превенција, меѓутоа и казнувањето, ама секое чудо за три дена.
„После неколку дена, секојдневно во Скопје и тоа е во билтенот на МВР, се случуваат сообраќајни незгоди, помали или поголеми, со смртни или без смртни последици. Вчерашниот скандал со братот на градоначалникот кој градоначалникот исчезна некаде е доказ дека сево ова е фарса што го правите. Се ви е реклама, се ви е ПР и тоа за жал граѓаните скапо го плаќаат. Многу често и од вас и од колегите пратеници ја слушаме добро познатата замена на теза, а тоа е дека ние сме биле против вас затоа што замислете сме се плашеле од неселективната борба против криминалот и корупцијата. Која неселективна борба? Таа кога ја кренавте рампата за Артан Грубин како господин да си ја помине границата?“, рече пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
Македонија
(Видео) Петровска: Тошковски ја контаминираше истрагата за Кочани

„Трагедијата во Кочани точно е дека е резултат на системски пропусти, ама системот, колеги, има име и презиме или имиња и презимиња и тоа токму на денот на трагедијата. На денот на трагедијата вие министер лично и дел од раководството на Министерството за внатрешни работи покажавте дека не се водите по правото и по законите, туку по основ на брат, братучед, партиски другар и партиска наредба“, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска при обраќање на собраниската седница, посветена на интерпелацијата на министерот за вантрешни работи Панче Тошковски.
Петровска нагласи дека „Тошковски, како искусен правник, долгогодишен адвокат ги познава законите, особено Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, но свесно на денот на трагедијата не посочи одговорност во Министерството за внатрешни работи“.
„Напротив, ги заштитивте тие кои се прво повикани и кои во најмала рака го прекршиле ова што предмалку го прочитав, а го прочитав од закон, не од политички памфлет, не од партиско соопштение, туку од законот за полиција. Според вас полициски службеник кој е пензиониран пред две-три години е виновен за тоа што се случи во Кочани, ама актуелните началници, оние пред да ги разрешите тие не биле виновни. Не знаеле што им се случува на територијата на подрачјата за кои по закон се должни да знаат и истото да го спречат“, нагласи Петровска, додавајќи дека на денот на трагедијата и деновите потоа „Тошковски свесно оддавал службена тајна од истрагата на лице кое не е овластено и му ги направил достапни информациите од истрагата кои беа злоупотребени и се злоупотребуваат до денес за политички цели“.
„Еве со ова вие ја контаминиравте и ја попречивте истрагата и затоа меѓу другото се и нашите тврдења дека истрагата е селективна Исто како што дозволивте од денот на трагедијата до отприлика седум дена подоцна раководните полициски службеници од СВР Штип и полициска станица Кочани да продолжат да доаѓаат на работните места и со тоа им овозможивте да кријат докази, да преправаат записници, се во нивен интерес и во интерес на тие кои треба да ги заштитите. Под притисок исклучиво на експертската јавност тие беа променети. Е затоа денес семејствата на починатите, загинатите и повредените дојдоа во Скопје и затоа побараа средба не само со вас, побараа средба и со нас и со сите пратеници овдека во Собранието, затоа што меѓу другото ние сме нивни избраници“, нагласи пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
Македонија
Мицкоски: Процесот на пристапување кон ЕУ мора да се темели на заслуги и реформи, со јасни критериуми, ова не е услуга што се дава произволно, туку е праведно признание

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на конгресот на ЕПП.
„Мојата Влада останува длабоко посветена на конзервативните вредности: вредностите на семејството, одговорноста, економската слобода и почитувањето на владеењето на правото. Од овие принципи сме водени дома и го инспирираат нашиот ангажман со Европа. Замислуваме заедничка европска иднина, цврсто стоиме на овие трајни вредности.
Сепак, искреноста ме принудува отворено да се осврнам на предизвиците со кои се соочуваме. Европскиот проект ветува еднаквост, правичност и можности – но, понекогаш, ние доживуваме поинаква реалност. Нашиот народ, гордите македонски граѓани кои ги претставувам, од прва рака ја почувствуваа тежината на двојните стандарди. Стандарди кои ја поткопуваат довербата, го намалуваат ентузијазмот и ризикуваат да го ослабат самиот европски дух што го застапуваме“, рече Мицкоски.
„Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели.
Од клучно значење е лидерите на ЕПП, и во институциите на ЕУ и во земјите-членки, да станат движечка сила зад проширувањето на Западен Балкан во Европската унија. Вашето лидерство и проактивен ангажман значително ќе го подобрат кредибилитетот и ефективноста на процесот на проширување.
Јасно да кажеме: интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија не е само чин на добротворност – тоа е стратешки императив. Тоа обезбедува мир, стабилност и безбедност не само за нашиот регион, туку и за цела Европа. Процесот на пристапување мора да остане заснован на заслуги, воден од јасни критериуми и транспарентни проценки. Ова не е услуга што се дава произволно, туку е праведно признание за напорите и реформите.
Цврсто верувам дека нашата колективна иднина лежи во обединето европско семејство. Наша заедничка одговорност е да го поддржуваме интегритетот на овој процес, потврдувајќи ја нашата посветеност на правичност и еднаквост. Македонскиот народ заслужува да види дека неговата посветеност и жртви вистински се почитуваат и се признаваат.
Заедно, да ја обновиме нашата посветеност: Европа силна и обединета, изградена на вредности, доследност и меѓусебно почитување“, изјави премиерот Мицкоски.