Европа
Италијанскиот премиер попушти под притисокот и се согласи за ублажување на мерките
По притисокот врз италијанскиот премиер, Марио Драги, од страна на коалициските партнери, особено лидерот на крајно десничарската Лига, за олеснување на анти-корона мерките во Италија, донесена е одлука утре да се започне со ублажување.
Четиринаесет региони, повеќе од половина од 20, колку што има во Италија, од утре ќе бидат прогласени за „жолти зони“ наместо „црвени“, иако илјадници нови случаи на Ковид-19 секојдневно се пријавуваат во Италија, а пропратени се и со висока стапка на смртност.
Во жолтите зони во земјата дозволена е работата на продавниците, кината и театрите, а баровите и рестораните можат да послужуваат гости на своите тераси.
Исто така ќе биде дозволено слободно движење на луѓе помеѓу овие 14 региони, под услов патниците да имаат сертификати за вакцинација или негативен тест за Ковид-19.
„Премиерот Драги рече дека одлуката за ублажување на мерките претставува пресметан ризик, но се добива впечаток дека повеќе станува збор за коцкање, имајќи предвид дека податоците за епидемијата не се добри“, вели Софија Вентура, професорка на Универзитетот во Болоња.

Експертите кои ја советуваат италијанската влада изразија загриженост за предвременото олеснување на ограничувачките мерки.
„Драги можеби е Супер Марио, но тој сигурно не е Хари Потер и нема волшебно стапче за да ги реши сите проблеми на Италија. Ова е најголемиот ризик што го презеде досега“, вели Франческо Грило, политички економист и директор на експертската организација „Вижн“.
Клучна задача на премиерот на Италија, Марио Драги, е економското закрепнување на земјата, за што утре ќе достави план до италијанскиот парламент пред да биде доставен до Европската комисија на 30 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Уште едно фијаско на „најсмртоносното оружје на светот“ на Путин
Руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, попозната како „Сатана II“, доживеа уште еден неуспешен тест. Хиперсоничниот проектил, честопати опишуван како „најсмртоносното оружје во светот“ и способен да носи нуклеарни боеви глави, експлодираше и се урна само неколку секунди по полетувањето од полигонот Јасни во рускиот регион Оренбург, објавија странските медиуми.
The Sarmat ICBM had a failed launch. So much for Russia's so-called wonder weapon. They'd end up blowing themselves up. pic.twitter.com/Pvbun7AYRq
— PaulC (@PaulConRO) November 29, 2025
Сармат РС-28 наводно скршнал од курсот, исфрлајќи црни облаци од чад пред огнените остатоци да се срушат на земјата. Ракетата се урнала во близина на лансирната рампа, создавајќи огромна огнена топка и исфрлајќи необичен чад во небото.
Ова е петтиот неуспешен тест лет за стратешката ракета што ѝ предизвикува главоболки на Москва. Да потсетиме дека за време на претходниот тест во септември 2024 година, ракетата експлодираше во космодромот Плесецк, околу 800 километри северно од Москва, оставајќи зад себе огромен кратер.
Европа
Кремљ: Го освоивме Покровск
Руската армија го зазеде украинскиот рударски град Покровск во источниот регион Донецк, кој беше под напади околу една година, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Песков рече дека претседателот Владимир Путин бил информиран. Нема потврда од Киев. Руските сили наводно го окупирале и градот Вовчанск во соседниот Харков. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Париз изјави дека интензивните борби продолжуваат околу Покровск и во Харков.
Набљудувачите сугерираат дека руското соопштение за воените придобивки би можело да биде темпирано пред очекуваната посета на американскиот специјален претставник Стив Виткоф на Москва утре, додека Кремљ се обидува да покаже напредок пред разговорите за евентуален мировен план.
Европа
Мерц: Европејците ќе се спротивстават на наметнатиот мир врз Украина
Европејците ќе се спротивстават на „наметнат мир“ врз Украина, потврди денес германскиот канцелар Фридрих Мерц пред планираната средба меѓу претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
„Следиме јасна линија, нема одлука за Украина и Европа без Украинци и без Европејци, не може да се наметне мир зад грбот на Украина, нема слабеење или поделба на Европската Унија и НАТО“, рече германскиот лидер по телефонскиот разговор со неговите украински, француски, британски и полски колеги.
Мултилатералната средба се одржа додека Мерц беше домаќин на полскиот премиер Доналд Туск во Берлин, а францускиот претседател Емануел Макрон го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз. Двајцата претходно разговараа со претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и украинскиот преговарач Рустем Умеров, соопшти Елисејската палата.
Туск: Едногласни сме
„Во Украина, единството на Европа е исто така во прашање“, рече Мерц, додавајќи дека големите европски земји, вклучувајќи ги Полска и Германија, имаат „посебна одговорност да обезбедат дека ништо и никој не ја дели Европа“.
Според симултаниот германски превод, Доналд Туск рече дека Европејците се „едногласни“ по ова прашање и се „целосно посветени на продолжување на целосната поддршка на Украина во нејзината одбрана во војната против Русија“.

