Свет
(Видео) 35 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил, како изгледа денес градот на духовите
Украина денес одбележува 35-годишнина од катастрофата во Чернобил, најтешката нуклеарна несреќа во историјата што погоди голем дел од Европа, пред сѐ, Украина, Белорусија и Русија.
На 26 април 1986 година, во 1.23 часот, нуклеарниот реактор бр. 4 во Чернобил, во близина на градот Припјат, стотина километри северно од Киев, експлодира за време на безбедносен тест. Нуклеарното гориво гореше десет дена испуштајќи радиоактивни честички во атмосферата, кои, според некои процени, биле расфрлани на три четвртини од површината на Европа.
Москва првин сакаше да ја скрие несреќата. Иако Шведска издаде предупредување на 28 април забележувајќи зголемување на радиоактивноста, советскиот претседател Михаил Горбачов одлучи да се појави во јавноста дури на 14 мај.
Речиси 350.000 луѓе беа евакуирани во радиус од 30 километри од централата во текот на неколку години.
За четири години по несреќата, приближно 600.000 советски експерти се испратени со мала или никаква заштита на местото на несреќата да го изгаснат пожарот, да изградат бетонски облоги околу реакторот и да ја исчистат околината.
Сè уште има дебата за бројот на човечки жртви по несреќата, а процените се движат од 30.000 до 100.000 мртви.
По неколку години доцнење, на крајот на 2016 година над реакторот беше изградена огромна непропустлива челична конструкција.
Благодарение на заштитната конструкција, стапката на радиоактивност во близина на централата се намали десет пати една година по нејзината инсталација, покажуваат официјалните податоци.
Ново истражување покажа дека несреќата во Чернобил не влијаела врз гените на децата на озрачените родители.
„Нема дополнително оштетување на ДНК кај деца чии родители биле изложени на зрачење по нуклеарната експлозија во Чернобил пред тие деца да бидат зачнати“, покажува студија објавена во списанието „Сајанс“.
Тоа е прва студија за проучување на гените на децата чии родители се занимавале со расчистување по нуклеарната катастрофа.
Сите испитаници се родени по несреќата, во периодот од 1987 до 2002 година, и биле испитани нивните геноми. Научниците не откриле никакви мутации што би се поврзале со изложување на нивните родители на последиците од нуклеарната несреќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

