Свет
Махмуд Абас ќе објави откажување на палестинските избори
Претседателот на Палестинската Самоуправа (ПС), Махмуд Абас, е подготвен да објави откажување на палестинските избори под изговор дека Израел одбива да им дозволи на ерусалимците да гласаат, објавија локални и израелски извори.
Абас е исто така шеф на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), како и на движењето Фатах.
Израелското армиско радио извести дека ПС ги информирала претставниците на меѓународната заедница, Јордан и Египет, за одлуката. Се верува дека палестинското раководство ќе се состане во Рамала в четврток. Според официјалните лица на ПС, Хамас и Исламскиот џихад се поканети да присуствуваат на состанокот на кој Абас треба да го објави откажувањето.
Абас и неколку претставници на Фатах постојано инсистираат на тоа дека нема да има избори, без учество на Палестинците од Ерусалим. Последната пригода беше во понеделникот кога Абас се обрати пред Централниот комитет на Фатах.
Сепак, весникот „Ал-Кудс“ објави дека ПС одлучила да ги откаже изборите под силен американски и арапски притисок. Вашингтон и регионалните земји очигледно веруваат дека резултатите од изборите нема да бидат во корист на Фатах.
Импликацијата е дека САД и регионалните држави стравуваат од нова победа на Хамас. Истите извори додаваат дека САД ја известиле ПС дека ќе воведат неколку мерки пред какви било избори, вклучително и продолжување на помошта за УНРВА, рехабилитација на палестинскиот здравствен систем, повторно отворање на конзулатот на САД во Ерусалим и повторно отворање на канцеларијата на ПЛО во Вашингтон.
„Администрацијата на САД верува дека овие мерки ќе им помогнат на умерените Палестинци да постигнат подобри резултати на изборите“, тврдат експертите.
Критичарите велат дека ова се мамки за да го охрабрат Абас да ги откаже изборите.
Израелски извори велат дека Абас го ангажирал високиот член на Централниот комитет на Фатах, Хусеин ал-Шеик, да го убеди Катар да побара согласност од Хамас за откажување на изборите под изговор на несоодветни услови во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Борел: Без поддршката на Западот, војната во Украина ќе завршеше за 15 дена
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека војната во Украина ќе заврши за 15 дена доколку западните сојузници престанат да ја поддржуваат таа земја.
„Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно побргу. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и рускиот претседател Владимир Путин ќе ги постигне своите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците?, изјави шефот на европската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „20 минути“.
Тој повтори дека сојузниците мора да направат сè што е во нивна моќ за кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.
Свет
Шолц: Германија стои до Израел, мора да се спротивставиме на терористите на Хамас
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Германија стои на страната на Израел нагласувајќи дека мора да се спротивстави на терористите на Хамас.
Тој ова го рече на отворањето на меѓународната конференција за одржливост, што се одржува во Хамбург, и посочи дека официјален Берлин ги поддржува прекинот на огнот, ослободувањето на заложниците и почетокот на политичкиот процес, дури и ако тоа изгледа потешко од кога било.
„Решението со две држави може да биде единствена цел за секој политички процес“, рече Шолц.
Според него, изминатата година на војна му донесе незамисливо страдање на палестинското население во Појасот Газа.
„Хезболах и Иран мора веднаш да ги запрат нападите врз Израел“, рече Шолц и предупреди дека овие напади претставуваат уште една ескалација во инаку тензичната ситуација на Блискиот Исток.
Израел денеска ја одбележува првата годишнина од нападот на палестинската милитантна група Хамас, а израелскиот претседател Исак Херцог го почна денот со едноминутно молчење во кибуцот Реим.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година загинаа најмалку 370 луѓе, а во војната што тогаш избувна и сè уште трае до крајот на септември годинава загинаа повеќе од 43.000 луѓе, од кои 41.431 Палестинци, најмногу во Појасот Газа.
Повеќе од половина од зградите во Појасот Газа се уништени, а речиси целото население на Газа е раселено – приближно 2,3 милиона луѓе.
Свет
Бербок не исклучува можност дека Украина со германско оружје ќе напаѓа воени објекти во Русија
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека не ја исклучува можноста Украина да нападне воени објекти во Русија со оружје од германски резерви во самоодбрана.
Бербок изјави за германскиот јавен радиодифузен сервис АРД дека не сака јавно да разговара за тоа колку длабоко нападите би можеле да допрат до руска територија.
Германската министерка истакна дека не треба да се дефинираат конкретни растојанија како „десет, 40 или 200 километри“ бидејќи, како што наведе, руската армија може да има корист од тоа.