Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Која е вистинската причина да не се печатат учебници?

„Мила Царовска останува глува и сѐ поинтензивно и крајно инаетливо инсистира на мноштвото несоодветни решенија, што попримаат форма на глупост од концепцијата за реформа во основното образование. Притоа, истовремено, Царовска во своите настапи само ја потврдува оправданоста на многуте реакции од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а сега и од огромен број родители и наставници кон експериментите во образованието.
Пример за оправданите реакции против концептот: за ранливите категории ученици училиштата ќе обезбеделе копии од дигиталните учебници. Дури и да дојде до тоа, училиштата, а не семејствата на учениците да мора да обезбедат копии, Мила Царовска да излезе и јавно да презентира и да објасни како тоа мултимедијалните содржини со видеа од дигиталните учебници ќе ги има во фотокопиите? Притоа како децата на фотокопија ќе видат дали рибата е црвена, портокалова или шарена. Токму примерот со рибите таа сама го посочуваше на ТВ-емисија објаснувајќи како без дигитални учебници фотокопиите немаат вредност. И токму тоа и сите го укажуваат, Царовска. Само книгите, учебниците, имаат вредност. Затоа треба печатен учебник, а не фотокопија.
Втор пример: училиштата ќе обезбеделе библиотечен фонд на таблети. Царовска, очигледно не ја знаеш состојбата во училиштата, училиштата не може да обезбедат хартија за п ечатење за наставниците! Училишта пливаат во долгови за струја, греење оваа зима не им вклучуваа на наставниците за да држат онлајн-настава од училиштето.
Трет пример: Наставниците не предаваат учебници, предаваат програми, па дали тоа во превод значи дека на наставниците не им требаат учебници? Добро, учебници им требаат на децата и тоа на оние што не може да си дозволат дигитализација. Нели ученикот е центар на вниманието во новата концепција?
Крајно време е Мила Царовска од светот на нејзината замисла да се врати во реалноста на сопствената земја. Тоа би било во корист на учениците и знаењето.
Зошто на Царовска ѝ е проблем децата да имаат нови модерни учебници? Која е вистинската причина за да не се печатат учебници? Книгата и знаењето немаат цена!“
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Меџити: И покрај нашите понуди тие одлучија да бидат заедно со ДУИ и со Ахмети, Таравари има пофалби за владеењето на ДУИ, а избега од тоа владеење

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес-конференција извести дека вечерва нема да се одлучува кој ќе биде претседател на коалицијата ВЛЕН.
„Денеска треба претстедателството на ВЛЕН да се конституира, за другото, формирање на штаб, влегуваме во кампања за локални избори, анкети, штабови, избор на кандидати, листи ќе бидат предмет на новото претстедателство на ВЛЕН“, кажа Меџити.
Во однос на тоа кога ќе биде изборот за претседател, Меџити одговори дека работат на тоа.
На прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори, министерот одговори дека не гледа потреба за тоа.
„Избори ќе има локални во октомври, може да се мериме, граѓаните ќе го кажат своето мислење и за нив и за нас. Не гледам потреба за предвремени избори, ни бројките го наложуваат тоа, ниту ситуациите, има стабилна Влада која што можеби има најголем број на пратеници во историјата на Македонија“, кажа Меџити.
Министерот на прес-конференцијата информираше дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма на претстојните локални избори.
„Немало пример во историјата на државата, но можеби и во регионот, каде што една коалиција функционира во владата, а на локални избори да оди со посебни листи. Тоа го нема ниту во македонскиот, ниту во албанскиот блок. Тоа е само да се приближат до Демократската унија за интеграција, да се вратат кај ДУИ, и покрај нашите понуди тие одлучија да бидат заедно со ДУИ и со Ахмети. Тоа се гледа од изјавите на Таравари којшто има пофалби за владеењето на ДУИ, а избега од тоа владеење.
Но, тоа е нивна работа. Тие треба да објаснат кај членството зошто требаше да се подели Алијанса за да избега од ДУИ. Немаше да има потреба, ќе имаше една Алијанса, а не сега дел од Алијанса да се врати таму. Ставот на ВЛЕН е дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма. ВЛЕН се отвора кон невладиниот сектор, кон најдобрите, најшколуваните, најпрофесионалните Албанци. Ќе имаме и независни кандидати коишто ќе имаат поддршка од ВЛЕН. Не мораат да имаат партиски дрес за да бидат кандидати за градоначалник поддржан од ВЛЕН. Се отвораме кон граѓаните, кон цивилниот сектор, кон професионалците и мислам дека на тој пат ќе опстоиме и ќе биде доволно за уште еднаш да ја потврдиме победата од парламентарните на локалните избори“, изјави Меџити.
Претходно Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кажа дека не отстапува од одлуката на локалните избори да одат со сопствени советнички листи иако на власт дојдоа како дел од коалицијата „Вреди“.
Македонија
Mеџити: Kичево дефитивно ќе добие колекторски систем и пречистителна станица

По предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на денешната седница ја усвои информацијата за реализација на проектот за подобрување на управувањето со отпадни води во Кичево.
На денешната прес-конфереција во Медиа-центарот на Владата, првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека проектот опфаќа изградба на колекторски систем и секундарна канализациона мрежа и поврзување на постојната пречистителна станица.
„Овој чекор го презедовме бидејќи граѓаните на Кичево го заслужуваат овој проект, а бидејќи уште на почетокот беа забележани проблеми со организацијата и капацитетот на изведувачот, бевме приморани да го раскинеме договорот со изведувачите кои и покрај бројните опомени и состаноци, не покажаа значителен напредок, и на 5.12.2024 година, беа поминати 21 од планираните за градба 24 месеци, а реализацијата беше само 17 отсто’, изјави Меџити.
Меџити информира дека во наредниот период преку повеќегодишна јавна набавка Министерството за животна средина и просторно планирање ќе обезбеди буџетски средства за овој проект, бидејќи предвидените ИПА средствата во рамки на Секторската оперативна програма за животна средина и климатски акции, програмски период 2014-2020 веќе нема да можат да се користат поради неисполнување на обврските од изведувачот.
Сo овие средства ќе се инвестира во над 20 локации, меѓу кои е и изградба на главен канализационен колектор Зајас – Кичево, кој ќе се простира од населеното место Зајас до влезот во град Кичево и проаѓа покрај Зајашка Река, а од постојни мрежи долж колекторот Зајас – Кичево постојат секундарни мрежи кои се комплетно изградени во местата Трапчин Дол, Горно и Долно Строгомиште. Овие секундарни мрежи ќе се поврзат на колекторот Зајас – Кичево.
Планирана е изградба на главен канализационен колектор Зајас – Кичево со должина околу 11 км. Истиот треба да ги прифати отпадните води од населбите Зајас, Грешница, Долно и Горно Строгомиште, Колибари, Длапкин Дол и Трапчин Дол. Отпадната вода од колекторот Зајас-Кичево оди кон станицата за третман и пречистување на отпадна вода.
Министерството за животна средина и просторно планирање за реализација на овој проект ќе инвестира преку повеќегодишна јавна набавка над милијарда денари (1.088.550.000) во текот на наредните четири години, 2025, 2026, 2027 и 2028 година.
Проектот опфаќа два договора – договор за градежни работи за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Кичево и договор за надзор над градежните работи.
Македонија
Родителите на загинатите му кажаа на Тошковски дека не му веруваат и прашаа зошто обвинетите кои се во домашен притвор шетаат по улици

Родителите на загинатите во Кочани успеаја да го извадат надвор министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски откога јавно му порачаа дека ќе чекаат да излезе пред нив. Тој излезе пред Министерството, но не за да разговараат туку да ги покани внатре, па влегоа на средба во Министерството. Министерот Тошковски побара да му веруваат дека истрагата нема да поштеди никого за кого има докази, но родтиелите кои влегоа на средбата речиси во еден глас му кажаа дека не му веруваат.
„Имате право и на тоа, но истрагата не е завршена. Разликата од она кое го правеле претходно до она кое сега го правиме е огромна. Сега 11 обвинители деноноќно работат на предметот. Го знам тоа затоа што го гледам. Неспоредливо е она кое се случувало претходно со она што се случува сега од аспект на процесни дејствија“, рече министерот Тошковски.
Тој објасни дека не поднел оставка од функцијата оти татко на починатиот полицаец, откога го погребал синот, забележал дека министерот се крши, му пришол и му рекол да издржи, да продолжи во борбата, да ја истера работата до крај и да не се повлекува.
Родителите на загинатите ги побараа обдукциските наоди за децата, се пожалија дека никој не знае кога му починало детето. Министерот немаше конкретен одговор, но им кажа дека истрагата е во тек, а прашаа и зошто осомничените кои се во домашен притвор се шетаат по улици на што министерот одговори дека се подготвуваат кривични пријави.
Тошковски неколкупати на родителите им кажа дека го разбира гневот што го имаат кога тие прашаа зошто актуелни функционери и одговорни лица не одговараат, објасни дека и неговите деца плачеле и кажа дека има факти пред кои никој не смее да мижи кога му забележаа дека истрагата се води селективно и вистинските виновници се поштедени.
„Актуелен министер е осомничен, факт. Актуелен командир на полициска станица е осомничен, актуелен директор на Дирекција за заштита и спасување е осомничен, дали е во притвор или не е во притвор е мерка за која одлучува Судот на начин на кој што одлучува, но факт е дека се осомничени. Актуелен градоначалник е осомничен и не само актуелниот туку и тој пред него и тој пред него“ рече министерот Тошковски на што родителите на загинатите му кажаа дека само ги пуштил на заслужен принуден одмор по дома и се побунија зошто не се во затвор.
Тошковски им се извини на родителите на загинатите поради тоа што во овој момент не може да им каже се што знае за случајот оти истрагата е во тек и ако каже нешто повеќе може да ја наруши.
„Не можам да ги соопштам сите детали ама ќе можам за месец и пол или два отсега. Ќе можам. Ветувам. Правда во овој случај мора да има ако сакаме да имаме нормална држава. Овие деца ако сакаме да имаме нормална држава не треба никогаш да бидат заборавени. Само така можеме да имаме правда“, рече министерот Тошковски.
Тогаш некои од родителите, револтирани од кажаното, прашаа затоа ли не направил комеморација за загинатите и зошто кажува дека ги посетил семејствата кога отишол само во семејството чиј зет му бил пријател, па настана мешаница меѓу родителите на загинатите. Се јави и мајката која беше посочена дека министерот ја посетил поради пријателство, но кажа дека првпат го гледа министерот и потсети дека таа ги организирала сите протести и маршеви. Во тој момент министерот Тошковски замоли медиумите и сите освен родителите на загинатите да излезат за да можат тие на само да поразговараат.