Црна хроника
Отфрлени кривичните пријави за КУБУС
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од МВР БЈБ, Центар за сузбивање организиран и сериозен криминал, оддел за финансиски криминал, единица за борба против перење пари и економски организиран криминал, против едно лице за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 4 вв ст. 3 вв ст. 1 вв чл. 45 ст. 1 од КЗ и за кривично дело – измама од чл. 247 ст. 4 вв ст. 1 вв чл. 45 ст. 1 од КЗ.
Со решението отфрлена е и кривичната пријава на приватен подносител од Скопје против пет физички лица за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 4 вв ст. 3 вв ст. 1 вв чл. 22 вв чл. 45 ст. 1 од КЗ и за кривично дело – измама од чл. 247 ст. 4 вв ст. 1 вв вв чл. 22 вв чл. 45 ст. 1 од КЗ и кривично дело – фалсификување службена исправа од чл. 361 ст. 2 вв ст. 1 вв чл. 22 од КЗ, како и против две правни лица што беа пријавени за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 4 вв ст. 3 вв ст. 1 вв чл. 45 ст. 1 од КЗ, кривично дело – измама од чл. 247 ст. 8 вв ст. 4 вв ст. 1 од КЗ и кривично дело – фалсификување службена исправа од чл. 361 од КЗ.
Обвинителството го донесе решението по обемно направените проверки врз основа на обезбедената писмена документација и обезбедените вербални докази, испитувања на оштетени и сведоци, а пред сѐ, врз основа на економско-финансиското вештачење, проверките во Народната банка на РСМ и во Управата за финансиско разузнавање.
Имено, сите направени проверки и вештиот наод упатуваат дека пријавените физички лица не ја искористиле својата службена положба и овластувањето, ниту ги пречекориле границите на своето службено овластување, а со крајна цел предизвикување штета на правните лице „Кубус“ и „Кубус инженеринг“. Исто така, не е исполнето ниту битието на кривичното дело измама бидејќи не може да се даде верба на тврдењето дека пријавените го навеле и го држеле во заблуда претставникот на оштетените правни лица да зема кредити на штета на имотот на овие правни лица, уште повеќе што како управител, кој притоа треба да биде деловно способен, во согласност со законските обврски определени во Законот за трговските друштва, тој е должен да презема работи во интерес на правното лице, како и работи што се целисходни за остварување на интересот на друштвото, а не во континуитет да го задолжува, без притоа да преземе соодветни дејства за кои се предвидени механизми во сферата на граѓанската постапка за наплата на своите побарувања, тренд што се проткајувал во период од неколку години, а за сметка на оштетените правни лица. Како договорен однос заемите претставуваат договорна волја на две или повеќе страни и како правен инструмент е предвиден во Законот за облигационите односи, поточно на оној што го дава заемот и оној што го прима и тие произведуваат како права за страните така и обврски.
Во ваква ситуација кога се одобрени парични средства како кредити по кои не се вршени редовно уплати од страна на предметните правни лица во банките, а во спротивно тие средства од страна на истите правни лица понатаму се давани како заем за кои биле склучени и договори, во кои била предвидена и определена каматна стапка, односно предвидена заработка, оди во корист на непостоење на елементот на штета кај пријавените кривични дела.
По однос на кривичното дело фалсификување службена исправа за чие постоење потребно е службено лице во службена исправа, книга или спис да внесе невистинити податоци, односно во согласност со став 2 од истиот член, таквите исправи ќе ги употреби во службата како да се вистинити, не произлезе дека од страна на осомничените се преземени дејства, без да му бидат познати на претставникот на оштетеното правно лице, а кои се однесуваат на поднесените барања за кредит, склучените договори, исплатата.
Што се однесува, пак, до пријавените правни лица, решението за отфрлање на кривичната пријава е донесено бидејќи постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење од причина што кривично одговара правното лице кога тоа е определено во Кривичниот законик. Имено, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 од КЗ и кривичното дело фалсификување службена исправа од чл. 361 од КЗ, не е предвидена кривична одговорност за правното лице, што од кривично-правен аспект претставува околност што го исклучува кривичното гонење, а за кривичното дело измама од КЗ, во Кривичниот законик објавен во „Службен весник“ бр.19/04, кој важел во тоа време, не е предвидена одговорност за правното лице, која е воведена со измената од 2009 година, па оттука, во согласност со чл. 3 ст. 2 од КЗ, ако по извршување на кривичното дело е изменет законот еднаш или повеќепати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, од кои причини се одлучи како во диспозитивот на решението.
Оштетениот има право во рок од 8 дена по приемот на решението, во смисла на чл. 288 ст. 2 од Законот на кривичната постапка, да поднесе жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје.
Поради обемноста на направените проверки за утврдување на фактичката состојба, образложението на донесеното решение со детален увид во сите преземени дејства можете да го пронајдете на следниов ЛИНК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

