Македонија
(Видео) Специјалци велгоа во Арачиново, разбиена група која тргувала со дрога и оружје
Министерството за внатрешни работи денеска сузби организирана криминална група инволвирана во активности од областа на недозволената трговија со оружје и дрога, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Во рамките на повеќемесечната истрага обезбедени се доволен број докази, кои ја потврдуваат инволвираностa на членовите во недозволена трговија со оружје и дрога и документирани се продажби на дрога и оружје. Денеска (28 април), во раните утрински часови, од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, со поддршка на Одделот за специјални полициски операции и Одделот за криминалистичка полиција, лишени се од слобода членовите на организираната криминална група. Приведени се девет лица (осуммина од селото Арачиново и едно од Свети Николе), а едно лице – член на групата од претходно е на издржување мерка притвор“, соопшти Ангеловски.
Врз основа на издадени наредби од надлежен суд извршени се претреси во домови и други простории на повеќе локации на подрачјето на Арачиново и на една локација на подрачјето на Свети Николе. При извршените претреси пронајдени и одземени се и рамки за автоматска пушка, куршуми во разен калибар, седум возила, мобилни телефони, како и други предмети поврзани со истрагата.
Х. Б. (54) и А. М. (44) создале организирана криминална група инволвирана во вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, муниција и дрога и раководеле со групата која подолг период дејствувала на територијата на нашата држава, а кон неа се приклучиле Ф. Б. (22), В. Б. (25), Д. Б. (44), И. С. (48), И. Ј. (45) (полициски службеник), Љ. А. (31), И. А. (40) и Р. А. (16), кои на заинтересирани лица им го продавале нелегалните оружје, муниција и дрога.
„При спроведувањето на повеќемесечната истрага и презамањето мерки и активности, документирани се повеќе од 20 случаи на купопродажба на дрога, оружје и муниција, при што се обезбедени доволен број докази, кои ја потврдуваат нивната инволвираност за кривичните дела за кои се товарат овие лица. Исто така, во рамките на ова криминалистичко истражување, по преземените мерки и активности, реализирани се повеќе случаи на недозволена трговија со дрога (најмногу хероин, но и марихуана и хашиш), како и оружје и муниција, за што веќе од МВР се поднесени кривични пријави за уште 12 лица (девет за недозволена трговија со дрога и три лица за недозволена трговија со оружје и муниција). Оваа криминална група е поврзана и со претходно реализиран случај во Кичево на 10 ноември минатата година, каде што се запленети голема количина оружје и муниција“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

