Македонија
(Видео) Мисајловски: Владејачкото мнозинство со ароганција и на сила со европско знаменце сака да го протне законот за учебници
На денешната собраниска седница за законот за учебници, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, посочи дека владејачкото мнозинство манипулира и го злоупотребува европското знаменце. Не може ваков битен закон да се носи во Собранието, па да се повлекува, без дебати, без дискусии, за на крајот да се усвои со ЕУ-знаменце.
„Револтот кон новата концепција за реформи во основното образование достигнува кулминација откога се слушна најавата дека ќе се заменуваат печатените учебници со дигитални. Не слушнавме од Министерството за образование ниту една издржана, убедлива анализа, ниту еден стратешки документ што планираат. Како планирате сето ова да го изведете. Некои брзоплети закони стигаат во Собранието, но нема јавна расправа. Гледате колку гнев, колку револтирани наставници, родители, студенти и ученици слушаме секој ден. Дали има образовна и темелна стратегија за сѐ ова што го правите. Еве јас, не само како пратеник, туку како и родител на две дечиња, сакам да чујам од вас детаљна анализа што подготвувате и зошто го повлековте законот, а сега го очекуваме со ЕУ-знаменце“, рече Мисајловски од собраниската говорница.
Не знам дали знаете дека се собира петиција, продолжи тој за укинувањето на сите овие реформи, особено за законот за учебници.
„Додека јас зборувам тука, ученици се гасат од онлајн-наставата и повикуваат на бојкот, се најавуваат пресови пред вашето Министерство за да покажат револт кон сѐ она што се случува. А од ваша страна гледаме само една ароганција и сила за да донесете закон со европско знаменце. Законот што стигна во Собранието требаше сите јавно да го расправаме. Да дебатираме, да поднесеме амандмани и нешто да прифатевте. Со ова повлекување што го направивте сакате да покажете дека ќе го донесете овој закон со сила. Ова е чист пример на манипулација и злоупотреба на европското знаменце“, истакна Мисајловски.
И во најразвиените земји во светот не планираат целосно да преминат на дигитализација во образовниот систем. Затоа, рече тој, печатени учебници ќе има, сакале вие тоа или не.
„Ние како родители ќе обезбедиме учебници. Ве убедувам во тоа. Дали за тоа ќе препишете казни, не е важно, учебници повторно ќе има. Од 25 до 40 илјади дечиња во основното образование не може да имаат технички помагала за следење на наставата. А Уставот предвидува сите граѓани да бидат еднакви. Вака на сила, со ароганција, само ќе удрите во ѕид. Се собираат групи на социјалните мрежи од речиси 70 илјади граѓани, каде што има револт, а гледам во тие групи и пратеници од СДСМ пишуваат и граѓаните им возвраќаат со гнев. А на крајот од денот – кој ќе трпи, ќе трпат учениците“, посочи Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

