Свет
Нетанјаху повторно го назначи Ганц за министер за правда
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го назначи лидерот на Сино-белите, Бени Ганц, за министер за правда во сегашната привремена влада, објавија локалните медиуми.
Во вторникот вечерта Израелскиот висок суд го замрзна обидот на Нетанјаху да го назначи членот на Ликуд и министер за регионална соработка, Офир Акунис, за министер за правда.
Нетанјаху во изјавата наведе дека неговиот договор да го назначи Ганц е излез од ќорсокакот иако смета дека може да ја брани својата правна позиција.
Во изјавата објавена во „Џерусалим пост“, Нетанјаху рече дека има детални правни аргументи за спротивставување на тврдењата на Високиот суд и на јавниот обвинител Авичај Манделблит, кој рече дека предлогот за назначување на Акунис претставува кршење на законот.
Местото министер за правда е испразнето веќе четири недели. Ганц претходно ја извршуваше функцијата на привремена основа во траење на три месеци, која заврши на почетокот на април, а Нетанјаху не сакаше да го препушти министерството во рацете на својот партнер во власта.
„Ние го следевме нашиот завет дека ќе го запреме планот на Биби и ќе продолжиме да ја штитиме демократијата“, рекоа од партијата „Сино и бело“ во изјавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран започнува нуклеарни преговори со три европски сили
Иран планира да одржи разговори за својата спорна нуклеарна програма со трите европски сили на 29 ноември во Женева, објави јапонската новинска агенција Кјодо, неколку дена откако Агенцијата за атомска контрола на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран одговори на резолуцијата предложена од Велика Британија, Франција, Германија и САД со, како што ги нарекоа владините претставници, различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Кјодо известува дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќор-сокак пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Висок ирански претставник потврди дека средбата ќе се одржи следниот петок, додавајќи дека „Техеран отсекогаш верувал дека нуклеарното прашање треба да се реши по дипломатски пат. Иран никогаш не ги напуштил преговорите“.
Во 2018 година, тогашната администрација на Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со шест големи сили и повторно воведе строги санкции кон Иран, што го натера Техеран да ги прекрши нуклеарните ограничувања од договорот со потези како што се обнова на залихите збогатен ураниум, негово рафинирање и инсталирање напредни центрифуги за забрзување на производството.
Индиректните разговори меѓу администрацијата на претседателот Џо Бајден и Техеран да се обидат да го оживеат договорот не успеаја, но Трамп на кампањата во септември рече: „Мораме да се договориме, бидејќи последиците се невозможни. Мораме да се договориме“.
Свет
Песков го обвини Бајден дека ги поткопува мировните планови на Трамп за Украина
Москва ја обвини администрацијата во заминување на американскиот претседател Џо Бајден дека ги поткопува плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
„За време на изборната кампања, Трамп зборуваше дека сака да постигне мир на некој начин и ги водеше сите кон мирно решение“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската телевизија.
„И сега прават се’ што можат за да ја ескалираат ситуацијата на таков начин што мировните договори се осудени на неуспех“, рече Песков.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, рече дека брзо ќе дејствува за да стави крај на војната меѓу Русија и Украина која трае повеќе од илјада дена. Сепак, тој се уште не кажал никакви конкретни планови.
Пред коментарите на Песков, Бајден ја овласти Украина да користи американски ракети со долг дострел ATACMS против воени цели во Русија. Бајден планира да прости и дел од долгот на Украина.
Песков рече дека администрацијата на Бајден покажала дека ќе направи се за да не заврши оваа војна и дека сакаат да го ограничат Трамп и му се одмаздуваат поради изборниот пораз.
Свет
Маж бил прогласен за мртов во Индија, се разбудил кога требало да го кремираат
Дваесет и петгодишен маж, кој бил прогласен за мртов оваа недела во Индија, се разбудил во пресрет на неговото кремирање, пишува „Фокс њуз“.
Рохиташ Кумар (25), кој е глув, бил прогласен за мртов во болница во државата Раџастан во северозападна Индија без обдукција.
Откако станало јасно дека Кумар е жив пред кремирањето во четвртокот попладне, семејството го вратило во болница, каде што починал во петокот рано наутро.
Тројцата лекари кои прогласиле мртов Кумар во болницата Багван Дас Кетан се суспендирани, објави весникот.
Според Дејли Мејл, кој се повикува на агенцијата АФП, Кумар доживеал епилептичен напад. Лекарите се обиделе да го оживеат, но откриле срцева слабост.
„Ситуацијата не е далеку од чудо“, изјави сведок од погребот за локалниот медиум ЕТВ Бхарат.
„Сите бевме во шок. Тој беше прогласен за мртов, а таму дишеше и беше жив“, додаде тој.
Рамавтар Меена, владин функционер во областа Џунџуну во Раџастан, го нарече инцидентот „грубо невнимание“.
„Ќе преземеме мерки против одговорните. Детално ќе се истражат и методите на работа на лекарот“, рече тој, додавајќи дека специјална комисија ќе го испита случајот.