Свет
САД им порачаа на своите граѓани да ја напуштат Индија

Соединетите Држави им порачаа на своите граѓани да ја напуштат Индија што е можно поскоро поради епидемијата на коронавирус, која жестоко избувна во земјата.
Индија денес забележа 379.257 нови случаи на зараза со Ковид-19 и 3.645 смртни случаи, објави индиското Министерство за здравство. Ова е најсмртоносниот ден досега забележан во земја погодена од пандемијата на вирусот.
Амбасадата на САД ги предупреди своите граѓани дека „пристапот до сите видови медицинска нега станува драстично ограничен“.
Ова е највисоко ниво на предупредување што Стејт департментот на САД им го издава на своите граѓани кои се во странство.
Вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 во средата официјално надмина 200.000, иако се стравува дека вистинската бројка може да биде многу поголема.
Во предупредувањето испратено до американските граѓани се наведува дека треба да ја напуштат Индија веднаш штом ќе се отвори таквата можност.
„Американските граѓани кои сакаат да ја напуштат Индија треба да го искористат достапниот комерцијален превоз“, се вели во предупредувањето.
Стејт департментот наведува дека некои нивни граѓани исто така биле спречени да влезат во болници поради недостиг на простор.
Претходно денеска САД соопшти дека ќе испратат во Индија залихи од повеќе од 100 милиони долари за да ѝ помогнат во борбата против епидемијата со Ковид-19.
„САД ќе испратат повеќе од 1.000 боци за кислород, единици за производство на кислород, 15 милиони маски N95, милион брзи дијагностички тестови и друга опрема што им е потребна на индиските болници“, се вели во соопштението. Најавено е и испраќање на милиони вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.