Топ
Teпaчка меѓу две фамилии заврши со пукање
До тепачка и пукање дошло вчера во скопското село Буковиќ, пришто едно лице е повредено, а приведени се 10 лица.
Физичката пресметка се одвивала помеѓу две фамилии.
„Во с.Буковиќ настанало нарушување на јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ј.А.(22) и С.А.(27), двајцата од с.Раовиќ, од една страна и И.П.(57) и Р.П.(30), двајцата од с.Буковиќ, од друга страна. Потоа истите отишле во Градска општа болница „8 Септември“ за санирање на повредите.
Околу 21.20 часот неколку лица од фамилијата на Ј.А. и С.А. од с.Раовиќ дошле во дворот на фамилијата на И.П. и Р.П. и испукале повеќе проектили кон Љ.П.(25), син на И.П., кој се здобил прострелна рана во ногата и е пренесен во ГОБ „8 Септември“, велат од МВР.
Приведените лица се задржани во полициска станица и се работи на целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Македонија
Почина владиката Тимотеј
Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј починал денеска во болница. Тимотеј неколку дена бил на болничко лекување поради проблеми со срцето, објави „Религија.мк“.
Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско, како Славе Јовановски. Во 1976 година дипломирал на Богословскиот факултет. Потоа работи како службеник во Македонската архиепископија. Од страна на Синодот бил испратен во Рим, каде што ги завршил ориенталните студии и магистратура. На Богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в.д. ректор на Македонската православна богословија.
Монашки потстриг примал на 10 септември 1981 година во Бигорскиот манастир, а на 11 септември 1981 година бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември 1981 година бил ракоположен за јеромонах во кичевскиот манастир, а за архимандрит бил назначен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола.
По изборот за епископ на 20 септември 1981 година, бил хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 година бил назначен за митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 година, од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како митрополит дебарско-кичевски.
Македонија
Меџити: ЈСП утре добива шест електрични автобуси, Владата ќе купи уште 120 и ќе им ги донира на општините со цел намалување на загадувањето
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, оценува дека природата овие денови направи Скопје да не е на врвот на листата на најзагадени градови.
И ова, според него, не е од денеска, туку е од поодамна.
Меџити, како што нагласи, сака повеќе да се занимава со причините отколку со последиците за овој случај.
„Главен фактор е тоа што индивидуалните домувања се греат на сè и сешто, не по нивна вина, туку дека досега не сме им овозможиле. Во овој дел сакаме да го вратиме проектот за гасификација и да го тераме до крај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето. Второ, да го субвенционираме централното греење, односно луѓето да почнат да се враќаат на централното греење бидејќи тоа е уште почисто од гасификацијата“, нагласи министерот за животна средина, Меџити.
Според него, главниот фактор за загадувањето во градот е урбаниот транспорт и затоа, како што најави, утре ќе му се донираат шест електрични автобуси на Град Скопје, односно на ЈСП, на кои, како што потсети, деновиве Владата им помогна со позајмување нафта за да бидат во функција.
„Деновиве, разговараме и пред одлука сме Владата да купи 120 електирчни автобуси, кои ќе бидат доделени како донација на јавниот транспорт во општините, особено во урбаните средини. Има одлука и акциски план од Владата, од сите сектори се преземаат мерки, но јас сум повеќе за тоа да се елиминираат причините“, потенцира Меџити.