Топ
16-годишна скопјанка со автомобил во Крани удрила пешак, паркирани возила и канделабра

Шестнаесетгодишно девојче од Скопје, возејќи синоќа автомобил во автокампот во Крани, удила во 21-годишна девојка од Битола, која се здобила до тешки телесни повреди.
Девојчето потоа удрило и во две паркирани возила и канделабра, по што избегало од местото.
По превземени мерки, полицијата ја пронашла малолетничката и ја довела во станица, во присуство на родител и претставници на Центарот за социјални работи Ресен.
Од МВР велат дека по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Пукање во Ѓорче Петров, жител пријавил дека му е скршен прозорецот од дневната соба, а во куќата нашол две зрна од оружје

Доцна синоќа во 03:00 часот во СВР Скопје, М.Ј.(39) од Скопје пријавил дека околу 02:50 часот, додека бил во неговиот дом на подрачјето на Ѓорче Петров, слушнал возило како застанало и три истрели од огнено оружје.
По пукањето, во дневната соба забележал дека било скршено стакло од прозор, имало оштетување во ѕидот, а на подот пронашол две зрна од огнено оружје.
Повредени лица нема и се преземаат мерки за расчистување на случајот., велат од МВР.
Македонија
Се гледаме во вториот круг, рече Шукова и повика недела да биде празник на демократијата и на слободата на одлучување

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, ја заокружи кампањата за првиот изборен круг со повик до граѓаните да гласаат со срце и разум за единствената конкретна програма. Им се обрати и на противкандидатите и ги повика да придонесат недела да биде празник на демократијата.
„Само со гласање може да ги промените работите во Скопје и да го спасите по четири години уништување. Нашиот град не може да издржи уште четири години уништување, импровизации, партиски бизниси и некомпетентност. В недела ве повикувам со срце и разум да гласате за единствената конкретна програма и понуда. Гласајте за вашиот дом, за бројот 5 затоа што вие заслужувате чист, зелен и функционален град. За моите противкандидати, ве повикувам сите да придонесеме недела да биде празник на демократијата, на слободата на одлучувањето и почитувањето на волјата на нашите граѓани. Се гледаме во вториот круг“, рече Шукова.
Таа потсети дека нејзиниот план за Скопје е јасен – повеќе зелени површини, нови паркови и ботаничка градина, чист Вардар и безбеден сообраќај.
„Знаеме како да го направиме Скопје град што повторно ќе дише, ќе се движи и ќе живее подобро“, рече Шукова.
Повика скопјани да излезат на гласање и да се изборат за „нашиот дом“.
Македонија
Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје, в недела масовно да излеземе, повика Ѓорѓиевски

На последниот ден од изборната кампања за првиот круг на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО- ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, накусо ги повтори сите ветувања што ги даде изминативе дваесет дена. Рече дека денес нема да држи политички говори, туку ќе им се заблагодари на скопјани за досегашната соработка.
„Ви благодарам за секоја подадена рака, за секој совет, за секоја критика и најмногу за огромната надеж што ја почувствував во вашите очи, надеж дека Скопје, конечно, може и мора да биде подобро“, рече Ѓорѓиевски.
Рече дека кампањата ја водел искрено и наместо со празни ветувања, пред скопјани излегол со докази оти она што го направил во Кисела Вода за него не се само бројки, туку доказ дека зборот го претвора во дело.
Рече дека зад него не стои само неговата политичка партија, туку тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични и чесни луѓе, кои „о живеат и дишат овој град.
Повика в недела, масовно, референдумски, скопјани да излезат на гласање во сите општини.
„Нашиот град повеќе нема време за губење. Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје. Затоа ве повикувам в недела масовно да излеземе и да ја донесеме одлуката. Да не дозволиме да изгубиме уште две недели во неизвесност и политички калкулации“, рече Ѓорѓиевски.
Побара силна и чиста поддршка за да може веднаш да почне со работа и по којзнае кој пат во изминатите дваесет дена повтори дека ако скопјани не го изберат во првиот круг, само ќе ги продолжат голготата и хаосот во кој градот живее со години.
„Ве повикувам да го заокружите бројот 9. Тоа не е глас само за мене, ниту глас за една политичка партија, тоа е глас за работа, за ред, за одговорност, за визија, глас за иднината на градот Скопје. Од срце ви ветувам на сите – ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Не градоначалник што седи во канцеларија, туку човек што ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек што ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите онаму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“, повика Ѓорѓиевски.
Рече дека веќе се чувствува победнички оти верува во силна поддршка од скопјани. Нагласи дека е отворен за соработка и дека секоја добра идеја што ја нема во неговата програма ќе ја прифати и ќе ја реализира до крајот на мандатот.