Македонија
Османи: Потврда од официјален Копенхаген, ги исполнуваме копенхашките критериуми
Во рамките на работната посета на Кралството Данска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод.
Главна тема на разговорот биле европските перспективи и очекувања на нашата држава – имплементација на одлуката од март мината година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.
Кофод ги поздравил остварените резултати на нашата Влада со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакнал нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели. Тој порача дека Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Република Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.
„Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области, исполнувањето на добропознатите ‘копенхашки критериуми’, кои и со новата методологија не се изменети, како и продлабочување на добрососедските односи и натаму остануваат наш приоритет и во периодот кој претстои. Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Формалниот почеток на преговорите е само симболичен почеток на долгиот пат на трансформација, но важен сигнал и неопходно охрабрување до целиот регион кој ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес. А тоа ни е важно на сите, особено нам – земјите од регионов, затоа што европската идеја е таа која нè обединува околу современите вредности“, истакна Османи.
Соговорниците на средбата разговараа и за неодамна започнатиот процес на стратешка рефлексија во земјите членки и на ниво на ЕУ во рамки на Конференцијата за иднината на Европа, при што Османи му порача на Кофод дека ние сме подготвени, согласно својот статус како кандидати за членство да го дадеме својот скромен придонес што ќе овозможи позитивен импулс за унапредување на севкупната европска агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

