Македонија
МЗ: Уште еден безуспешен обид на Мицкоски да го компромитира процесот на набавка на вакцини
Исплатите кои Министерство за здравство ги врши се транспарентни и објавени на страницата на отворени финансии. Toa што Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ денеска, го споделил пред медиумите, претставувајќи го како афера, или документ до кој дошол, е достапен податок на секој граѓанин кој би ја отворил страницата на open.finance.gov.mk
„Министерството за здравство уште од самиот почеток за време на водење на преговорите, набавката и текот на испорака на вакцините, транспаренто ги информира граѓаните за целиот процес. За законитоста на целиот процес, говори самиот факт што договорите, како и плаќањата на сите набавени вакцини поминуваат на затворена седница на Влада. Ова доволно кажува колку процесот за купување вакцини е законски, без никакви недоследности или, пак, провизии кои ги измислува ВМРО ДПМНЕ. Колку за потсетување на јавноста, ВМРО ДПМНЕ во март пласираше фалсификуван документ, тврдејќи дека Министерството за здравство на 21 јануари, платило 12,5 милиони евра за набавка на вакцини, а денеска со документ испечатен од сајтот на отворени финасии каде се сите исплати на МЗ тврди дека Министерството во февруари платило 7,8 милиони евра за вакцини. Многу непрецизно за еден прецизен математичар како што милува да каже за себе претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски“, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека многу пати досега информирале дека клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините против Ковид-19 е тоа што секоја држава па и нашата се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации. Сумите за набавка на вакцините против Ковид-19 се деловна тајна на производителите и нашата земја се обврзува да го почитува тоа, бидејќи во спротивно нема да бидеме во можност да купиме вакцини, наведуваат од министерството.
„Убедени сме дека манипулативните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ имаат една единствена цел да фрлат дамка на еден транспарентен процес и се обидуваат да наштетат на процесот на имунизација. Партијата на Мицкоски во серијата измислици и за вакцините набавени преку механизмот ‘Ковакс’ ги лажеа граѓаните дека биле донации. Темите за прес-конференции на ВМРО ДПМНЕ сè повеќе се трошат. Жалиме што ВМРО ДПМНЕ не се радува што во нашата земја непречено се одвива процесот на имунизација. Жалиме што на Мицкоски и неговата ВМРО ДПМНЕ им пречат насемани лица на граѓани задоволни од третманот од здравствените работници во вакциналните пунктови. Вчера во нашата земја стигна нова пратка вакцини купени во директни преговори со производителот ‘Фајзер’, секој нареден понеделник ќе стигнува нова пратка. Минатата недела во земјава стигнаа 200.000 вакцини од производителот ‘Синофарм’ кои МЗ ги купи со директни преговори. Тоа се фактите, тоа не се измислени фалсификувани афери, тоа што го работи МЗ, се гледа и граѓаните го чувствуваат тоа“, појаснуваат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

