Македонија
Пендаровски: Македонскиот јазик не смее да подлежи на пазарната логика

Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, се обрати на свечената промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, кој претставува повеќедецениски труд на лингвистите од Институтот за македонски јазик.
„Вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина како дел од европскиот културен и образовен простор“, истакна Пендаровски.
„Иако има релативно мал број говорители, македонскиот јазик не смее да подлежи на пазарната логика. Тој е внатрешниот фундамент на секој од нас, претпоставка за нашето постоење како Македонци и мора да го третираме како таков бидејќи вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина како дел од европскиот културен и образовен простор“, порача Пендаровски.
На 5 мај 1945 година, во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, е објавено решението за македонската азбука, усвоено од тогашната народна влада. Тоа решение било изготвено од асномската Комисија за азбука и правопис, чиј член бил и Блаже Конески. Иако е само еден од низата важни историски датуми за развојот и кодификацијата на нашиот литературен јазик, токму 5 мај 2019 година, по предлог од Советот за македонски јазик, беше прогласен од владата за ден на македонскиот јазик, потсети во своето обраќање Пендаровски.
Конески, додаде Пендаровски, бил свесен дека македонскиот јазик и македонската писменост имаат свој долг временски континуитет. Процесот што почнал преку народните наречја и преродбениците во 19 век кулминирал со Крсте Петков Мисирков, кој, според зборовите на Конески, уште на почетокот на 20 век прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик.
„Конески, како и Мисирков пред него, бил свесен дека јазикот ја дели судбината на народот што е негов носител. Македонскиот јазик му дава легитимитет на македонскиот идентитет. И, затоа, Конески сметал дека „нашето јазично прашање ние сами треба да го решаваме и никој нема право да ни се меша во тоа“. Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија“, нагласи Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.