Регион
Радман: Хрватска формира воен камп на Косово
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави денеска во Приштина дека Хрватска го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и се спротивставува на каква било промена на границите во Источна Европа и најави дека неговата земја ќе формира воен камп на Косово, заради поголема безбедност.
„Ние го поддржуваме билатералниот дијалог меѓу Косово и Србија и се надеваме дека ќе се најде решение“, рече Гордан Грлиќ Радман на заедничката прес-конференција со косовскaта министерка Доника Грвал, додавајќи дека тој исто така поддржува укинување на визите за ЕУ за жителите на Косово.
„Одлучивме да формираме воен камп на Косово што ќе придонесе за стабилност. Хрватска неодамна одлучи да го зголеми својот воен контингент во рамките на мировната операција на НАТО на Косово – КФОР, а операцијата на КФОР е од особено значење за Хрватска, бидејќи е во нашето непосредно соседство што може да има посебни импликации врз стабилноста на целиот регион “, рече Радман.
Според РТС, Радман додаде дека „Хрватска и Косово се традиционално две пријателски земји кои имаат многу добри односи“, потсети дека Хрватска е меѓу првите што ја призна еднострано прогласената независност на Косово и најави дека Хрватска ќе донира 10.000 вакцини против коронавирус на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Отсега па натаму, историјата ќе се пишува поинаку
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера, на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, изјави дека е сигурно дека Европа и САД повеќе нема да дејствуваат заедно по сите прашања, како што беше случај досега, и дека во одредени ситуации ќе дејствуваат одделно.
Во изјава за Радио-телевизија Србија (РТС), Вучиќ рече дека е можно и дека во некои околности САД и Европа ќе бидат спротивставени едни на други, нагласувајќи дека е важно што поскоро да се разбере оваа реалност.
„Ова е важна лекција за нас и мора да ја разбереме што поскоро, бидејќи до вчера имавме иста група луѓе кои беа проамерикански или прозападно ориентирани, а во исто време и проевропски. Сега работите ќе бидат поинакви“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е убеден дека „едно историско поглавје е затворено“ и дека од сега па натаму историјата ќе се пишува на поинаков начин.
Коментирајќи ги пораките за Гренланд, Вучиќ рече дека, и покрај дипломатските формулации, она што е кажано не може едноставно да се толкува, додавајќи дека Србија не треба да влегува во такви дискусии.
Вучиќ, исто така, оцени дека Европа во иднина се соочува со бројни, воопшто не лесни чекори, кои ќе бараат сериозни одлуки и прилагодувања.
Регион
Вучиќ по говорот на Трамп: Излагањето на Фон дер Лајен беше позначајно во стратешка смисла
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека неговиот прв впечаток по говорот на американскиот претседател Доналд Трамп на Светскиот економски форум е дека се движи во насока на понатамошно спротивставување и конфликт на Западот помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа.
Во изјава за новинарите, по говорот на Трамп, кој го следеше од првиот ред во салата на Конгресниот центар во Давос, Вучиќ рече дека редот за да се влезе во таа сала и да се слушне американскиот претседател бил долг 500 метри.
Наведувајќи дека му треба време да го анализира тој говор и да го коментира, Вучиќ рече дека Трамп е интелигентен и шармантен, но дека вчерашниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бил многу повеќе стратешки ориентиран.
„И јас зборував вчера – бев изненаден од квалитетот на говорот на Урсула фон дер Лајен. Не зборувам за последиците, не зборувам за тоа кој е посилен, кој не, но бев изненаден од квалитетот и начинот и содржината на говорот на Урсула фон дер Лајен. Што се однесува до содржината, таа вчера создаде нова идеолошка платформа, нова политичка платформа. За мене, ова е сигурно најважниот говор што сум го слушнал“, рече Вучиќ.
Додавајќи дека ги слушнал речиси сите нејзини говори и прочитал 90 проценти од говорите на важни луѓе на сите времиња, Вучиќ нагласи дека вчерашниот говор на Фон дер Лајен бил еден од најдобро составените говори.
„Не би го рекол тоа така за г-дин Трамп. Би рекол дека е многу интелигентен, исклучително шармантен, дека добро разбира дека проблемот со долгот се решава со стапката на раст, ја разбира економијата, но говорот на Фон дер Лајен беше многу постратешки ориентиран од неговиот. Не би зборувал понатаму за говорот на претседателот Трамп“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Фон дер Лајен вчера изјавила дека заблудите се завршени и дека чекале една година да се промени ставот на Америка, дека сега мора да се разбере дека ова е трајна ситуација, и дека мора да се формира независна Европа, односно дека била принудена да го стори тоа, иако цело време се потпирала на Америка.
„Во таа смисла, Трамп ѝ помага на Европа, а не ја перцепира на тој начин. Не сум сигурен дали Европа ќе има сила за тоа или не. И ако некој ме праша, би рекол 50 спрема 50. Можеби дури и повеќе „не“ отколку „да“. Но, идеите што беа изнесени, постулатите што ги поставија оние што учествуваа во пишувањето на тој говор и конечно самата фон дер Лајен, се високи цели, не лесно остварливи, но би рекол нешто што ќе ја претставува историјата на иднината и она што таа ќе го зборува“, рече Вучиќ.
Коментирајќи го говорот на Доналд Трамп, Вучиќ додаде дека знае дека, за жал, голем дел од српските граѓани сосема погрешно и ирационално ќе се радуваат на неговите зборови во врска со Гренланд и некои други теми.
„Не сакам да коментирам за тоа во овој момент. Сакам да останам господар на неискажаните зборови како претседател на земјата“, рече Вучиќ, пренесуваат медиумите во соседството.
Регион
Во Србија стигнуваат летачките такси
Министерот за финансии на Србија,Синиша Мали, и главниот комерцијален директор на Archer Aviation, Нихил Гоел, потпишаа Договор за партнерство во Давос со кој ќе се воведат услуги за електрични летачки такси во Србија. На потпишувањето присуствуваа српскиот претседател Александар Вучиќ и основачот и извршен директор на Archer, Адам Голдштајн, пишува b92.
Во согласност со договорот, Србија го избра Archer како свој префериран партнер за електрични авиони за вертикално полетување и слетување (eVTOL) и има можност да купи почетна флота од авиони Midnight.
Претседателот Вучиќ оцени дека е важно за Србија да соработува со една од најсилните компании во светот во однос на технологијата.
„Воодушевен сум што имавме можност да потпишеме договор со Archer Aviation. Важно е за нас да соработуваме со една од најдобрите и најсилните компании во светот во однос на технологијата, да ја донесеме најсовремената американска технологија во Србија и да бидеме долгорочни партнери“, рече Вучиќ.
„Многу сум среќен што нашите партнери планираат да имаат ваков однос со децении, па дури и со векови. Се надевам дека граѓаните на Србија ќе бидат горди на својата земја. Сè уште имаме многу да направиме и малку повеќе од една година подготовки, но верувам дека граѓаните на Србија ќе бидат повеќе од задоволни од сè што можеме да презентираме преку нашето партнерство за Експо“, додаде тој.
Министерот за финансии Синиша Мали нагласи дека Србија со овој договор прави чекор понатаму кон иднината. „Со ова, Арчер формално стана избран партнер на Србија за воздушни такси и официјален партнер за летачки такси за Експо 2027, кој ќе се одржи од мај до август 2027 година во Белград“, рече Мали.
Тој нагласи дека е горд што Србија е прва во регионот што воведува транспорт од следната генерација, што ќе ги демонстрира придобивките од напредната воздушна мобилност на глобалната публика.
„Ова е одлична вест за Србија, која во 2027 година ќе му го покаже на целиот свет своето неверојатно преродување од банкротирана земја во земја со инвестициски кредитен рејтинг фокусиран на технологии, дигитализација и понатамошен напредок“, рече Мали.
Договорот предвидува купување до 25 авиони.
фото/епа

