Македонија
Традиционалната литија во Струга ќе се одвива под посебен протокол
Во пресрет на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржи во Струга, а во чест на празникот Свети Ѓорѓија Победоносец, од струшката полиција информираат дека се преземни сите неопходни мерки за безбедносно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од коронавирусот.
Од таму појаснуваат дека во периодот од 4 до 6 мај претставници на СВР Охрид и ОВР Струга одржале работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои им била нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски.
„Црковните претставници, кои беа во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на литијата, кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан“, стои во писмениот допис.
Од струшката полиција нагласуваат дека имаат изготвено оперативен план и во согласност со него, утре, 7 мај, ќе биде извршено физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св. Ѓорѓи“, како и на целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да биде дозволено групно движење зад поворката.
Од таму упатија апел до верниците настанот да го следат од страна, без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел заштита на јавното здравје на населението од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

