Македонија
(Видео) Лефков: Уплатата на Филипче и Заев на фантом-фирмата од Хонгконг не е гаранција, туку чиста исплата со акредитив
Венко Филипче извршил уплата на аванс од 7.800.000 американски долари на фантом-фирмата од Хонгконг – „Стабри интернешенал“. Парите биле уплатени и се легнати на сметката на фантом-фирмата, а овој документ е доказ за тоа, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
„Не држат тезите на ДКСК кои очигледно се ставаат во одбрана на Филипче дека не бил уплатен аванс, туку дадена гаранција. Банкарската гаранција е потврда од банка со која се докажува дека одреден субјект има платежна моќ за да пристапи кон одреден договор, а ова што го направиле Филипче и Заев е чисто плаќање преку акредитив, кое било реализирано на 15 февруари. Филипче уплатил аванс. Првичните документи кои излегоа покажаа дека вкупната сума за 200.000 вакцини се движела околу 12.500.000 долари, што е цена од 62.5 долари по една вакцина. И тоа кога земјите од регионот и од светот ја купуваат истата вакцина за 30 долари, односно за двојно помалку од тоа“, рече Лефков.
Тој праша каде требала да заврши разликата. Според него, доволно е само да се погледнат цените на вакцините од регионот и лесно ќе се дојде до заклучокот дека Филипче требало да плати двојно повеќе.
„Филипче должи одговори и со што фантом-фирмата од Хонгконг го уверила дека е кредибилна фирма и може да ја изврши набавка, за на истата да ѝ уплати 7.800.000 долари. Фирмата нема ниту интернет-страница, ниту опис на интернет-просторот со што се занимава, а Филипче на истата ѝ префрлил 7.800.000 долари наши народни пари. Дали некој во владата размислувал за последиците кои можеле да се случат?
И додека сето ова се случувало, додека милиони долари наши народни пари се префрлале од сметка на сметка во Македонија починаа 5.000 луѓе. Илјадници од нив ќе беа спасени доколку Филипче наместо по провизии трчаше по вакцини“, порача Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

