Македонија
Филипче: Ефикасноста на вакцината на „Синовак“ е поголема од 50 проценти

Ефикасноста на кинеската вакцина „Синовак“ е многу поголема од педесет отсто, уверува министерот за здравство Венко Филипче. Во текот на овој месец од оваа вакцина кај нас треба да стигнат 500.000 дози наеднаш. Министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека токму големата количина која може да стигне наеднаш била пресудна за да се одлучат за набавка на оваа вакцина за која светските медиуми известија дека има ефикасност од 50 отсто.
„За ефикасноста на ’Синовак’ разговаравме повеќе пати. Разговаравме и утрово, експертите и публикациите покажуваат дека ефикасноста на вакцината е многу поголема, над седумдесет отсто. Ние се одлучивме за набавка на оваа вакцина затоа што не постои друга која може наеднаш да стигне во толкава количина. Сакаме пред летните месеци да имаме што повеќе вакцинирани, да се заврши со возрасната група и оние ризични категории граѓани и секако пред летото да биде завршена вакцинацијата на лицата кои планираат патувања“, рече министерот Филипче.
Минатата недела кај нас стигна првата голема пратка вакцини од Кина во која имаше 200.000 од вакцината на „Синофарм“. Со нив, оваа недела почна масовната вакцинација, а министерот Филипче најави дека секој понеделник во мај ќе стигнуваат по 7- 10.000 дози од вакцината на „Фајзер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на конференција за копнено војување во Лондон

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во Лондон денеска се сретна со заменик началникот на Генералштабот за одбрана, воздухопловниот маршал Харви Смит со кого разговараше за моменталната безбедносна состојба во регионот, Европа и пошироко.
Генералот Лафчиски и маршалот Смит разговараа и за развојот на соработката на вооружените сили на двете држави, развојот на регионалните планови на НАТО, учеството на Армијата во мисиите на НАТО во, Романија, Бугарија и на Косово како и придонесот на Армијата во ЕУ операцијата Алтеа во Босна и Херцеговина. Соговорниците разговараа и за новиот Стратегиски одбранбен преглед на Обединетото Кралство, како и потребата од ажурирање на овој значаен документ во нашата земја, имајќи ги предвид британските искуства.
Во рамки на посетата на Лондон, генералот Лафчиски учествува на дводневната Конференција за копнено војување, каде свое излагање имаа претставници од високиот воен и политички врв на Обединетото Кралство, како и претставници на академската заедница, одбранбената индустрија и банкарскиот систем.
За време на Конференцијата, генералот Лафчиски се сретна со началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Роберт Вокер со кого разговараше за проширување на соработката на двете армии, исполнувањето на новите НАТО Цели на способности, користењето на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ и реализацијата на заедничка обука и вежби.
Македонија
Молк од државата за барањата за отстранување на новиот хотел на Горица, реагира Фронт 21/42

Законите не важат во Охридскиот регион. Прекршувајќи го и Законот за постапување по претставки и предлози, по претставката со која 25 граѓански организации побараа од премиерот, владата и градоначалникот на Охрид итно спроведување на законите и отстранување на хотелот во Горица – не постапи ниту еден од одговорните, реагираат од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.
„На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп – со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план кој општината беше должна да го измени“, велат од Здружението.
Од таму велат дека се прекршени Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот.
„Долгата листа деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк“, велат од Фронт 21/42.
Од таму наведуваат дека не изреагирале ниту пратениците, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добиле копија од претставката.
Од Здружението велат дека случајот уште во март бил поднесен и до Државната комисија за спречување на корупцијата и дека и од таму нема никаква одлука.
Македонија
Од денес до петок – пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Од денес до петок во попладневните и вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со изолирана појава на град, извести УХМР.
Во Скопје, денес во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.