Свет
Тунел за бегство долг 20 метри откриен во центар за притвор на мигранти во Австралија
Недовршен тунел за бегство долг 20 метри беше откриен во центар за притвор на мигранти во Западна Австралија, јавуваат тамошните медиуми.
Тунелот, кој бил ископан три метри под земјата, е пронајден вчера, а бил изграден под блокот за сместување во комплексот „Фалкон“ во центарот „Хонга хил“.
„Тунелот почнува под подот на просторијата 6Ф, а потоа продолжува под две внатрешни огради и завршува на пет метри од надворешната ограда“, велат адвокатите на организациите што се занимаваат со прашањето за мигрантите.
Тие наведоа дека не е познато кој и со што го ископал овој тунел.
Податоците на австралиските погранични власти покажуваат дека во овој центар има околу 315 мажи, меѓу нив се 175 лица од оние на кои владата им ги одзела визите и 140 баратели на азил, а во центарот нема жени и деца.
Просечното време поминато во австралискиот имиграциски притвор сега е 627 дена, а „Хонга хил“ често се користи за притвор на луѓе на подолг временски период, пишуваат медиумите.
Седумдесет и три лица се наоѓаат во имиграциски притвор повеќе од пет години, а пренесува „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се од повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите што во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе „Унилад“.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема „аспирин“, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во одлична општа здравствена состојба по извршениот систематски преглед.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година, која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
Си-ен-ен објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. блек бокс предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-ен-ен.
Станува збор за предупредување што се користи за истакнување сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА-вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни процени што ги пренесува Си-ен-ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле речиси 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА-вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување блек бокс предупредување, без јавно достапни докази, може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и ХХС ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос

