Македонија
(Видео) Арсовски: 280.000 евра за кампања за спречување корупција, нов скандалозен тендер
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска реагира на владините постапки во врска со кампањата за спречување корупција.
„Денес, ќе објавиме нов тендер што го пушти Владата на Заев, тоа е набавка за услуги за осмислување и реализација на кампања од јавен интерес за спречување корупција. Љупчо Николовски, откако почна да им брои чаши вода на министрите, сега веќе ќе прави заедно со Заев кампања во вредност од 14.436.865 денари или 240.000 евра без ДДВ, односно над 280.000 евра со ДДВ. Замислете, тендер за маркетинг-услуги за кампања за спречување корупција во вредност од над 280.000 евра. Па самиот тендер е сомнеж за сериозна корупција“, истакна Арсовски.
„Предвиделе ставка од Владата во овој тендер во вредност од 1.407.200 денари без ДДВ, подготовка и реализација на медија план, закуп на медиумски простор на сите канали, освен приватните радиодифузери на територијата на Македонија. Каков грабеж, луѓе“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Владата не смее да се рекламира во медиумите.
„Тоа е прво и основно и е нивна владина одлука од 2017 година. Потоа, закуп на медиумски простор на сите канали – кои канали? На каналите на Македонската радио-телевизија Владата секако се огласува и емитува бесплатно доколку е кампања од јавен интерес, како што ги водат и овие двете камапњи, кои тежат над 600.000 евра. Ова не е ништо повеќе, од класичен грабеж на државните и народните пари и плаќање кампања на СДСМ за локалните избори од државни пари. Вчера споменав, денес повторно ќе споменам, веќе се зборува кои агенции блиски до СДСМ ќе ги земат овие тендери. Практично истите тие ќе им работат и во кампања“, потенцира Арсовски.
Апелира Владата да прекине со овие тендери за кои, како што вели, се грабеж на македонскиот народ и македонската држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

