Македонија
На Меѓународниот ден на медицинските сестри министерот Филипче благодарен за нивната пожртвуваност во текот на пандемијата
Денеска е Меѓународниот ден на медицинските сестри и по овој повод министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со медицинските сестри вработени на КИБФС во Скопје, при што ја искажа својата благодарност за целокупниот нивен придонес во текот на пандемијата, известува Министерството за здравство.
„Вашата улога во справувањето со оваа пандемија е од големо значење за сите нас, а сето ова ја истакна важноста на работата што секојдневно ја извршувате. Вие не сте само промотори на здравјето, туку сте и заштитници, чие знаење и пожртвуваност секојдневно спасува безброј животи“, истакна министерот Филипче.
Според него, есенцијалноста и придонесот кон справувањето со целокупната пандемија ја потенцираа клучната улога на медицинските сестри во здравствениот систем. Во изминатиот период како никогаш досега се подобрени условите за работа на медицинските сестри и на целокупниот здравствен персонал.
Зголемувањето на платите на медицинските сестри беше неколкукратно, почнувајќи од 2018 година па сѐ до денес. Во мај 2018 реализирано е зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 на 50 %. Во февруари 2019 година реализирано е зголемување од 5 % на платите за: средномедицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование; (освен: ГОБ „8 Септември“, „ПЕТ центарот“ и УК за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 8 %), зголемување од 8 % за средномедицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование.
Во јануари 2020 година реализирано е зголемување од 10 % за средномедицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование, информираат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

