Македонија
Царовска: Протестот е уставно загарантирано право, но промените мора итно да почнат
Најавените протести и иницијатива за референдум за образовните реформи се уставно загарантирано право. Но, реформата ќе продолжи со цел во фокусот на образованието да се стават ученикот и неговите потреби затоа што таа не само што не е избрзана туку можеби е и задоцнета, а резултатите од новата образовна концепција треба да ги очекуваме по пет-шест години, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска, по најавите за протести во следните денови поради промените што треба да се случат во основното образование со почетокот на следната учебна година.
„Ние како МОН имавме средба со групата и им одговоривме на нивните барања, кои главно се однесуваат на тоа да се исклучи родовата еднаквост од образовниот систем. За тоа има закони што се поминати во Собранието и гласани од сите политички партии, што значи дека има консензус за почитување на родовата рамноправност, што е и уставно загарантирано право и треба да биде дел од образовниот систем. Државата има ратификувано и многу конвенции и има обврска да се придржува и да рапортира кон нив. Сметам дека одговорите што ги добија во иницијативата ќе ги разгледаат и ќе расправаат по нив“, рече Царовска.
Министерката рече дека промените воопшто не се избрзани, туку, напротив, дека се доцни со нивната имплементација и, според неа, тоа веќе не смее да се одложува.
„Ако сме го направеле тоа пред 10 години, немаше денеска да бидеме ниско на меѓународните тестирања, кои покажуваат не дека нашите деца не може да научат, туку оти системот на кој ние ги учиме не е соодветен затоа што меѓународните тестирања бараат поврзување на знаењата од разни научни дисциплини и доаѓање до одреден заклучок. Нашите ученици, жално, но вистинито, не се подготвени за ваков тип на соочување со предизвиците што ги носи новото време. Концепцијата ќе почне да се спроведува и очекуваме да даде резултати по пет-шест години“, нагласи Царовска.
Од Министерството за образование појаснуваат дека планот за промените поврзани со наставата во основните училишта, односно изработката на новата концепција за основно образование, изработката на нови наставни програми и нов закон за учебници и други наставни и дидактички материјали, е предвиден со програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија и во претходниот мандат и во сегашниот, како и со Стратегијата за образование 2018-2025, а базиран е на резултатите од конкретни анализи за квалитетот на националниот образовен систем изработени од кредибилни меѓународни институции, како ОЕЦД и УНИЦЕФ. Мотив за промените, велат од таму, се и долгогодишните слаби постигнувања на нашите ученици на меѓународните тестирања, како ПИСА и ТИМСС, но и барањата на наставниците, на многу генерации ученици и нивните родители/старатели, кои укажуваа на слабостите на националниот образовен систем, вклучително и на недоследности, нелогичности и дискриминаторски содржини во учебниците, а на сето тоа во минатото се одговараше со парцијални реформи, кои не го дадоа очекуваниот ефект.
Иако сите компоненти на планот за реформи се донесени на транспарентен начин, преку јавна дебата и со учество на сите засегнати страни и експертската фела, за некои од промените повторно се појавуваат дилеми во јавноста, а МОН продолжува континуирано и транспарентно да одговара на сите прашања што пристигнуваат од граѓаните, граѓанските здруженија и други институции и организации, напоменуваат од ова Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје, од 30 – 40 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка и до 50 метри на планинските превои Буково и Ѓавато, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, соопштуваат од АМСМ.

