Македонија
(Видео) Заев-Мицотакис: Договорот од Преспа донесе решенија кои значат пријателство, прогрес и економија

Премиерот Зоран Заев денеска во Атина имаше работна средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис. На средбата присуствуваа и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи.
Премиерите на двете земји констатираа напредок во досегашното спроведување на обврските од Договорот од Преспа од двете страни и изразија посветеност за целосна и непречена натамошна имплементација. Беше заклучено дека Договорот од Преспа донесе решенија кои значат пријателство, прогрес и економија.
Во однос на евроитеграциите на Северна Македонија премиерот Мицотакис порача до премиерот Заев дека Грција секогаш ќе биде сојузник на кој граѓаните на Република Северна Македонија можат да сметаат.
Заедничка беше констатацијата на премиерите дека Северна Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и дека претпристапните преговори со ЕУ треба да почнат час поскоро.
Земјата покажа дека има сериозен капацитет да склучува и исполнува договори за пријателство, заклучија Мицотакис и Заев.
Дополнително на средбата беше подвлечено дека не е опција да се раздвојуваат Северна Македонија и Албанија од аспект на почнување на процесот на преговори со ЕУ.
Поголем дел од состанокот премиерите на двете земји разговараа за искористување на потенцијалите за економска соработка, како и за деловните можности кои произлегуваат од соработката меѓу стопанските комори од двете земји. Премиерот Мицотакис истакна дека поради економски и геополитички причини Грција сериозно ја поздравува и поддржува одлуката на Северна Македонија за инвестициите во гасните проекти Александруполи.
Во рамки на средбата, премиерот Мицотакис го извести премиерот Заев дека почнувајќи од утре, 14.5.2021 година, се отвора граничниот премин „Евзони“ за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Храбрите и неуморни пожарникари изгаснаа 21 пожар, активен е само уште еден

Центарот за управување со кризи информира дека до 9 часот наутро, регистрирани се вкупно 22 пожари на отворен простор. Од нив, само еден е сè уште активен, а 21 се изгаснати. Додека температурите се многу високи и сите бараме климатизирани простории, овие луѓе се на терен и се борат со екстремно високи температури од жешкото сонце и од огновите.
Единствениот активен пожар е во срцето на Националниот парк „Јасен“ во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Таму е мобилизирана значителна противпожарна сила, бидејќи станува збор за заштитено подрачје со исклучителна природна вредност и разновиден животински свет.
Останатите пожари, иако сега изгаснати, вчера предизвикаа сериозни интервенции низ целата држава. Во Тетовскиот регион, пламенот зафати ниска вегетација кај селата Озормиште и Тежето, како и во Слатино и Џепчиште, а во близина на железничката станица во градот и во Шемшово гореше запалено ѓубре. И Гостивар не остана поштеден – во близина на фирма во Мизраше гореше ниска вегетација, а во селото Симница повторно беше запалено ѓубре.
На југот од државата, во Струмичкото село Смолари, како и во Валандово, пламенот уништуваше ниска вегетација и плантажи. Во битолскиот регион, во близина на РЕК Битола, пожарот зафати тревни површини, а во селото Братиндол изгореа ниски растенија. Исто така, во прилепската касарна и во селата Дебреште и Лопатица гореше ниска вегетација, која поради сувото време брзо се ширеше.
Во централниот дел на земјата, Велес се бореше со пожар кај селото Отовица, а Куманово со пламен до патарината на автопатот Куманово – Скопје. Во источниот дел, селото Крупиште во Карбинци беше зафатено од пожар, како и селото Црвивци во Кичево. Сарај гореше кај селото Радуша, додека во Ранковце беше зафатена тревната површина покрај патот.
Иако сите овие пожари сега се изгаснати, надлежните предупредуваат дека високите температури и сувото време создаваат идеални услови за нивно повторно појавување. Апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да пријават секое забележано палење трева или отпад, со цел да се спречат нови големи катастрофи.
Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.