Македонија
Министерството за здравство: Намален бројот на пациенти во ковид-центрите во Скопје, за 24 часа хоспитализирани 12 лица

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 242 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, голем дел од пациентите е на кислородна поддршка, известува Министерството за здравство.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало 3 приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 5 примени пациенти и 3 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 34 оздравени пациенти.
Во ковид-центрите на интерните клиники се лекуваат 68 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 89 болни, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 80 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 4 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на коронавирусот.
Бројот на приеми во изминатите денови се намалува и, утрово, до 8 часот, имало 300 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка, информира Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.
Македонија
Општина Центар почнува со проект за рано откривање сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основните училишта

Општина Центар и „Синергија Скопје“ во септември започнуваат пилот проект за рано откривање на сколиоза кај ученици од 8 до 14 години во основни училишта на подрачјето на локалната самоуправа . Проектот е договорен во рамки на месецот за подигнување на свеста за сколиоза и ќе се реализира во училиштата: „ Свети Кирил и Методиj“ и „11 Октомври“.
Прегледите ќе ги спроведуваат лиценцирани физиотерапевти и ортопеди во училишни простории, со цел навремена детекција и стручна поддршка.
„Здравјето на децата е наш приоритет. Во пубертетот, кога телото брзо се менува, важно е да се реагира навреме. Неправилното седење, мобилните телефони и тешките ранци го оптоваруваат ’рбетот , затоа секое дете треба да има можност за превентивен преглед,“ порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Сколиозата често се развива незабележано, а навременото откривање е клучно за детскиот развој.
„Превенцијата не е привилегија , туку потреба на секое дете. Раната дијагноза и редовно следење се клучни за да се спречат компликации.
Ако се третира навреме, децата можат да имаат целосно нормален живот “, велат од Здружението.
Општина Центар е поддржувач на кампањата за подигање на свеста за сколиозата и на настанот одржан по тој повод во Паркот на Франкофонија.