Македонија
Средба на Пендаровски со Зеф Мази, главен преговарач на Република Албанија со Европската Унија

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Зеф Мази, главен преговарач на Република Албанија со Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења и информации за перспективите за скорешно одржување на меѓувладината конференција за двете држави и формалниот почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија и на Албанија со Европската Унија.
Претседателот Пендаровски оцени дека посетата е добра можност за размена на мислења за прашања на техничко и на политичко ниво поврзани со преговарачкиот процес, како и за отворање перспективи за идна соработка на тој план.
На средбата претседателот Пендаровски го поздрави напредокот на Албанија во клучните области за ЕУ-интеграцијата.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија и на Албанија позитивно ќе се одрази на стабилноста и просперитетот на целиот регион и изрази очекување дека примената на новата методологија за водење преговори ќе донесе олеснување на процесот на водење на пристапните преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МЕПСО и КОСТТ потпишаа меморандум за соработка за изградба на нова интерконекција Тетово-Призрен

Во Скопје денеска, првите луѓе на електропреносните оператори на С.Македонија и на Косово, доц.д-р Бурим Љатифи од АД МЕПСО и Шабан Незири од КОСТТ, потпишаа меморандум за соработка за зајакнување на прекуграничната соработка и развој на електропреносната мрежа.
Особен акцент Меморандумот става на стратешкиот проект за изградба на нов 400 kV интерконективен далекувод од Тетово до Призрен кој е во согласност со целите на ЕУ за енергетска транзиција до 2050 година и е номиниран како кандидат за зголемување на преносните капацитети преку европската планирачка платформа на ENTSO-E.
Во моментов, Северна Македонија и Косово имаат само една интерконекција, но според анализите на ENTSO-E, во регионот на Југоисточна Европа, потребно е значително зголемување на преносните капацитети, барем двојно, а во некои случаи и повеќе.
Проектот вклучува и дополнителни инвестиции во домашната преносна мрежа, како изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Тетово и нови 400 kV далекуводи од Тетово кон Охрид и кон Скопје.
„Потпишувањето на меморандумот е значаен чекор во зајакнување на нашата регионална соработка и развој на електропреносната мрежа. Проектот за 400 kV далекувод Тетово- Призрен не само што ќе го зголему капацитетот и сигурноста на системот, туку ќе овозможи и поголема размена на електрична енергија, поттикнувајќи нови инвестиции во ОИЕ“, рече Љатифи.
Во однос на придобивките, и Љатифи и Незири се согласија дека проектот за двете држави и регионот ќе креира регионална преносна инфраструктура со повисок капацитет, поголема прекугранична размена на електрична енергија, зајакнување на енергетскиот коридор Исток-Запад, подобрена сигурност и флексибилност на системот и поттик за нови инвестиции во ОИЕ.
„Овој меморандум ја потврдува соработката меѓу Косово и Северна Македонија и нашата заедничка посветеност кон создавање модерна и сигурна енергетска инфраструктура. Со овој проект ја јакнеме енергетската поврзаност во регионот и придонесуваме кон постигнување на енергетските цели на Западен Балкан“, додаде Незири.
Во моментов проектот е во фаза на планирање и техничка подготовка, а почеток на изградбата ќе зависи од обезбедување на финансиски средства и од потребните усогласувања со сите засегнати страни.
Македонија
„Кој лаже за пругата, Мицкоски или Кочоска“, прашува СДСМ

„Во ВМРО-ДПМНЕ не се знае кој повеќе лаже. Мицкоски пред два дена најави дека пругата од британскиот кредит ќе започне да се гради до крајот на годината, а неговата министерка за финансии Кочоска денес рече дека нема да почне да се гради ни до 2027 година“, прашува СДСМ.
„Има ли пилот во авионот на Владата? Откако се дојдени на власт, ни самите во Владата не знаат кој што изјавува и ветува.
Комични се сите најавени проекти на Мицкоски, кој сака да прикаже дека се случува некаков инвестициски бум, кога во реалноста едвај ги сработуваат проектите почнати од СДСМ, а од нови проекти нема ни трага ни глас.
Пругата од Коридорот 10, која ја најавува Мицкоски, е таков пример – за неа нема ниту проект, но веќе се знае дека ќе чини 2 милијарди евра. Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ само знае колкава ќе биде провизијата за овој проект, ама за негова сериозна реализација нема ни капацитет, ни знаење во оваа Влада.
Го прашуваме Мицкоски: Кој лаже, тој или министерката Кочоска? Како тоа се знае дека пругата ќе чини 2 милијарди евра, а за неа нема ни еден збор на хартија или во план напишано од Владата?
Освен празни зборови и викање по митинзи, фалење со непостоечки проекти, Мицкоски за цела година ништо не сработе. Во Владата не се знае кој што зборува и што ветува – важно е да се лажат граѓаните од утро до вечер во медиумите“, соопшти СДСМ.
Македонија
Средба на претседателот Гаши со Микаил Џабаров, министер за економија на Азербејџан

Официјалната посета на Република Азербејџан, што претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши ја реализира од 17 до 19 јуни, денеска заврши со средба со министерот за економија во Владата на Азербејџан, Микаил Џабаров. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши истакна дека Северна Македонија и Азербејџан имаат добри и пријателски односи, што може да биде основа за унапредување на соработката, особено во делот на економијата.
Тој информираше дека Владата посебен фокус става на надворешната трговија, со цел да се унапреди трговијата и со држави со кои досега сме имале мала трговска размена.
Министерот Џабаров истакна дека постојат многу можности за меѓусебна соработка, како во делот на енергетиката, така и во делот на другите стопански области.
Двајцата соговорници нагласија дека е важно да се унапредат билатералните односи на сите нивоа, со цел да се обезбеди поголема соработка.