Култура
45 години изучување на македонскиот јазик и култура на московскиот Универзитет „Ломоносов“
Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј што е исклучително значаен за македонистиката. По овој повод, на 18 мај 2021 година, со почеток во 13 часот, преку платформата „Зум“ ќе се одржи свечен настан.
Настанот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, а свои пригодни обраќања ќе имаат: Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во РС Македонија, Оливера Чаушевска-Димовска, вд амбасадорката на РС Македонија во Руската Федерација, Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, и Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Работниот дел ќе го отвори директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следуваат излагања и сеќавања за работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при МГУ „М. В. Ломоносов“ и тоа од некогашни и сегашни лектори, како и од предавачи и професори што вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на Универзитетот „М. В. Ломоносов“, а кои како кадри, пред сѐ, излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков – Мисирков“ и Институтот за македонска литература при УКИМ.
Настанот ќе го одбележат со свој прилог:
– академик Ала Шешкен, професор на Катедрата за словенска филологија при Московскиот државен универзитет, научен соработник на Институтот за славистика при РАН, член надвор од работниот состав на МАНУ;
– проф. д-р Максим Каранфиловски од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен директор на МСМЈЛК и некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);
– д-р Елена Верижникова, доцент на Катедрата за словенска филологија при Московскиот државен универзитет, почесен доктор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;
– Роза Тасевска од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ (некогашен лектор на Московскиот државен универзитет);
– м-р Марија Пандева, актуелен лектор по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија при Московскиот државен универзитет.
Свое учество ќе имаат и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија при Московскиот државен универзитет – на сите нивоа: додипломски, постдипломски и докторски студии, и тоа: Марија Јарославцева, Елена Гаркуша и Никита Никитин (студенти од прва година), како и Полина Гаврилова и Татјана Кленова (студенти на магистерски студии) и Наталија Кикило (студентка на докторски студии).
Во рамките на настанот говорниците одделно ќе се осврнат и на влогот на оние без кои почнувањето со работа на лекторатот во Москва немаше да се случи – академик Рина Павловна-Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.
Овој значаен јубилеј – 45 години македонистика на „Ломоносов“, кој се одбележува во текот на годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, покажува дека мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден-денес, но и дека обврзува и понатаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји.
Одбележувањето на јубилејот следува по зимската школа организирана од МСМЈЛК, која се одржа на почетокот од оваа година, како и по извонредно организираната тркалезна маса на Рускиот центар, и двата при УКИМ. Со одбележувањето 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува и достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.
Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески како дел од програмата на манифестацијата „2021 – година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

