Македонија
Петрушевски: Шахпаска да не се плаши од Царовска и да побара одгoворност од нејзината свекрва и од директорката на „Ангел Шајче“
И неколку дена по труењето педесетина дечиња во кумановската градинка „Ангел Шајче“, молчат директорката на градинката и свекрвата на Царовска, изјави на денешната прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Свекрвата на Царовска е задолжена за хигиената како медицинско лице и таа исто како и директорката мора да сноси одговорност. Педесетина деца се заразија, а МТСП, кое ги има надлежностите над градинката уште од времето кога Царовска беше министер, не реагира“, истакна Петрушевски.
Според оваа институција, Царовска како министер за труд и социјална политика му ги зеде надлежностите на Максим Димитриевски и со тоа ѝ станала заштитник на својата свекрва.
„Дали е вистина дека невенчаниот сопруг на Царовска снимал и спотови со дрон за градинката каде што е вработена мајка му, поточно свекрвата на Царовска? Дали се работи за други интереси? Зошто власта молчи? Дали се штити свекрвата на Царовска? Одговорност мора да има! Не може педесетина дечиња да се затруени, а никој да не понесе одговорност“, порача претставникот на опозициската партија.
Тој ја повика Јагода Шахпаска да се охрабри и, како што кажа, да не се плаши од Царовска за да побара одговорност од директорката и од свекрвата на министерката за образование.
„Шахпаска како министер за труд мора да ги штити децата, а не функционерите од власта“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

