Регион
Почина легендарниот Ѓорѓе Марјановиќ: Ја загубил битката со коронавирусот
Легендарниот пеач бил приклучен на респиратор и лекарите се бореле за неговиот живот изминатите денови, јавуваат медиумите во регионот.
Легендата на југословенската поп музика, Ѓорѓе Марјановиќ, починал на 89-годишна возраст.
Ѓорѓе Марјановиќ е познат југословенски пеач, најпопуларен во текот на 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век во СФР Југославија и според многумина најголемата sвезда на југословенската поп музика.
Роден е во Кучево. Средно училиште завршил во Пожаревац, по што студирал фармација во Белград. Откако ги запоставил студиите, заработувал пари истоварувајќи вагони на железничката станица, дистрибуирајќи млеко и весници, работи како инкасатор во Радио Белград и глумел во филмот „Сите на море“ а играл и во југословенскиот драмски театар.
Првпат пеел на аудицијата на поп-пејачи организирана од Здружението на џез музичари на Србија, а во наредниот период пеел и на игранки и забави во градот.
Пресвртницата се случила во 1958 година во Ниш. Душко Раданчевиќ, раководителот на мал белградски оркестар што ги придружувал пејачите и актерите, го поканил да пее на паузата помеѓу настапите на пејачи на забавна и народна музика. Ѓорѓе отпеал четири песни. Публиката реагирала фантастично, барајќи бис.
Ѓорѓе Марјановиќ имаше голем број на хитови а беше добитник и на голем број награди и признанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос
Регион
Американец загина во Словенија: се искачувал на Триглав
Американски државјанин загина во Словенија, најверојатно откако паднал од планинарска патека на Алпите, соопшти словенечката полиција.
Семејството на 33-годишникот изјави дека тој тргнал на планинарење во понеделник наутро до Триглав, највисокиот врв во Словенија, а потоа исчезнал, објави словенечката новинска агенција СТА.
Неговото тело е пронајдено вчера околу 1 часот наутро на дното од планинарска патека. Полицијата соопшти дека првичните наоди укажуваат дека паднал по стрмна падина.
Идентитетот на починатиот не е објавен.
Словенија е популарна дестинација за планинари и алпинисти поради бројните патеки во Јулиските Алпи.

