Македонија
(Видео) Кузеска: СДСМ се менува и победува, ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во режимската матрица
Со новиот состав на органите, со спој на искуство и нова енергија, СДСМ уште подобро и уште повеќе посветено ќе им служи на граѓаните и на државата, потенцира портпаролката на владејачкиот СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа смета дека по 26. конгрес, којшто се одржа вчера, СДСМ започнува ново четиригодишно поглавје за напредокот на македонската држава и подобра иднина на сите граѓани.
„Во составот на новите органи се пресликани вредностите на СДСМ за целосна родова еднаквост, за соодветна застапеност на младите, како и темелните вредности за заедништво преку концептот едно општество за сите. Новиот состав на Централниот одбор е освежен, во кој две третини од членовите на ЦО се нови лица кои досега не биле членови на највисокиот орган на партијата“, рече Кузеска.
Според неа, од 120 членови во новиот Централен одбор 60 се жени, 60 мажи, што значи како што рече дека има целосна родова еднаквост. Млади се 45 члена, што претставува застапеност од над 37,5 проценти, досега највисоко и во СДСМ и во која било друга партија во Северна Македонија.
„Покрај тоа што имаме членови на ЦО коишто се Македонци имаме и припадници на албанската, турската, ромската, бошњачката, српската, влашката етничка заедница. Избрани се и 18 члена на Извршниот одбор на партијата, од кои 9 се жени, а 6 доаѓаат од редовите на младите. Од 18 члена во ИО само 5 се од стариот состав, а од 4 потпретседатели, двајца се нови. Новиот Централен одбор, Надзорен одбор, Извршниот одбор и целото раководство на партијата ќе ја реализира владината и партиската програма која ќе значи нова политика со која СДСМ и натаму ќе остане прв во промените“, оценува Кузеска.
Од друга страна како што рече, ВМРО ДПМНЕ наместо да биде конструктивна партија и натаму останува заробена во режимската матрица, слугува на наредбите од Будимпешта, во континуитет се деструктивни без да размислуваат за интересите на граѓаните.
Според неа, ВМРО ДПМНЕ свесно го блокира напредокот на државата, го блокира Собранието, шири лажни вести, застанува во одбрана на криминалци и насилници и работи против правдата во државата, вели Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

