Македонија
Мултинационалната вежба „Одлучен удар 21“ официјално почна на армискиот полигон „Криволак“

На армискиот полигон „Криволак“, во кампот „Стрела“ со воена церемонија за свечено отворање на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, официјално се означи почетокот на активностите на оваа вежба на која воени состави од Армиите на Република Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Бугарија и Грција ќе демонстрираат подготвеност за изведување на заеднички операции.
Командантот на Командата за операции која е носител на вежбовните активности, генерал-мајор Павле Арсоски во своето обраќање истакна дека Армијата на Република Северна Македонија преку вежбата „Одлучен удар 21“, како составен дел од големата вежба „Defender Europe 21“ покажува дека како Армија сме подготвени да дејствуваме заедно и координирано со нашите партнери и сојузници.
Највисокиот воен претставник од НАТО, бригадниот генерал Џонатан Честнут во своето обраќање кон учесниците на вежбата, посочи дека заедничкото и напорно работење, одржувањето на колективниот дух, единството и солидарноста го прават овој сојуз посебен.
Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, истакна дека успехот од реализацијата на „Одлучен удар 21“ е во рацете на сите учесници на вежбата и само со заедничка работа ќе успееме да го зголемиме нашето искуство, знаење и интероберабилност.
На вежбата ѝ претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни теренски подготовки во разни ситуации со цел успешно извршување на поставените задачи кои ќе следат во текот на вежбата.
Целта на вежбата е споделување на стекнати знаења и размена на искуства помеѓу вооружените сили на земјите учеснички, преку заедничко извршување на поставените задачи во текот на вежбата, подобрување на нивото на интероперабилност на декларираните состави, извежбување со сојузнички армии, градење на меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите во НАТО низ широк спектар на симултани операции, како и промоција на можностите кои ги нуди полигонот ,,Криволак“ за изведување вежбовни активности од поголеми размери.
На отворањето присуствуваа и командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев, одбранбеното аташе на САД во Република Северна Македонија, полковник Питер Ровел, одбранбеното аташе на Бугарија, потполовник Пламен Николов, одбранбеното аташе на Грција, полковник Георгиос Акриотис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)