Регион
Чешкиот претседател му се извини на Вучиќ за бомбардирањето во 1999 година
Претседателот на Чешка, Милош Земан, ѝ се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999 година, оценувајќи дека тоа е „грешка“ и „полошо од злосторство“ и побара прошка од српскиот народ.
„Како човек, би сакал да го замолам српскиот народ да ни прости. Тоа цело време ме мачеше. Со ова барање за прошка, ја решив мојата долгогодишна траума, затоа што каењето ослободува”, изјави Земан пред новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Земан објасни дека Чешка, кога започна бомбардирањето на тогашна СР Југославија, била членка на НАТО само неколку недели и дека затоа не можела да најде држава што ќе ја поддржува во спротивставувањето на нападот врз Србија.
На 24 март 1999 година земјите членки на НАТО ја започнаа операцијата „Сојузнички сили“ – бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, кое траеше до 1 јуни 1999 година – со што се стави крај на конфликтот на Косово.
Во 78-дневните напади сериозно беа оштетени инфраструктурата, деловните субјекти, училиштата, здравствените установи, медиумските куќи, спомениците на културата, црквите и манастирите, а се проценува дека загинале најмалку 1.300 лица и околу 12.000 биле повредени.
Економските експерти од Групата 17 ја проценуваат штетата на околу 30 милијарди долари, додека некои проценки се движат до 100 милијарди.
Заблагодарувајќи му се на Земан, Вучиќ рече дека српскиот народ никогаш нема да го заборави неговото извинување.
Српскиот и чешкиот народ досега беа пријателски народи, а од денес се братски, истакна Вучиќ за време на обраќањето што некои белградски електронски медиуми го пренесуваа во живо од Прага.
Тој оцени дека Земан е храбар човек кој никому не се додворува и го најави доаѓањето на чешкиот претседател во Србија на крајот на годината, кога се очекува отворање на „Чешката куќа“ во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

