Македонија
Заев од Брисел: Го очекуваме тоа што ни е ветено
Премиерот Зоран Заев допатува во Брисел, каде што вечерва, по покана на потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ќе присуствува на заедничката работна вечера со лидерите на земјите од Западен Балкан, на која ќе се разговара за актуелни прашања за регионот во контекст на напредокот на земјите во процесот за нивно пристапување во ЕУ.
Во изјавата што ја даде непосредно пред средбата со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, премиерот Заев истакна дека доаѓа со пораките што лидерите на институциите на Европската Унија добро ги знаат, ги разбираат и ги одобруваат.
„Република Северна Македонија ги заврши сите свои обврски што произлегуваат од листата со критериуми за почеток на завршниот преговарачки процес за пристапување во членство на Европската Унија. Тоа Европската комисија го препозна и во своите извештаи за напредокот на земјата до Европскиот совет и до лидерите на земјите членки на ЕУ многу јасно стави до знаење дека земјата има безусловна препорака за почеток на преговорите“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека Северна Македонија многу сработи, дека испорача и дека сега е време и ЕУ да го испорача ветеното кон нас и тоа без одлагање. Заев рече дека очекува одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа да го официјализираме почетокот на преговорите уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата.
„Претставниците на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ“, потенцира Заев.
Заев дополни дека Северна Македонија во секој момент е подготвена и има апсолутно добра волја за прашања од билатерален карактер да разговара со Бугарија во секое време без тоа да влијае на нашето пристапување во Европската Унија, велат од неговиот кабинет.
Со лидерите на земјите од Западен Балкан имаме неподелен став, истакна премиерот Заев, дека ЕУ не може да смета дека е целосна без регионот и дека секое одлагање на процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан ја доведува во прашање неколкупати повторуваната определба на ЕУ за проширување и кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани, стои во писменото соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа истакна дека и покрај бројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово-базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени. За неа, фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано.
Според неа, борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавно-обвинителските и судските.
Сиљановска-Давлова посочи дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратија и амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел се обратија: Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Mинистерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќиго и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа Femicide Watch.
Сите учесници беа согласни дека покрај 16 дена активизам, потребно е 349 денови ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.

